На 86-годишна возраст, по кратко боледување, почина невропсихијатарот-епилептолог Методи Чепреганов, соопштија од болницата „Неуромедика“.
„Со огромна жалост би сакале да Ве известиме дека денес по кратко боледување почина нашиот ценет и почитуван Проф. Др. Методи Чепреганов. Директорот, менаџерскиот тим и сите вработени изразуваат огромна почит и благодарност за соработката и успесите во работата како дел од тимот на болницата, во која работеше повеќе од 20 години“, стои во објавата на „Неуромедика“.
Д-р Чепреганов својата 53 годишна професионална кариера ја започна на Клиниката за нервни и душевни болести при Медицински факултет – Скопје, повеќе од 25 години учествувал во наставата како професор одржувајќи предавања од областа на: Неврологијата и психијатрија со медицинска психологија на студентите на Медицинскиот факултет – Скопје, додека од 2006 година беше дел од Болница „Неуромедика“.
Тој беше дел од Европската асоцијација за клиничка неврофизиологија и епилептологија за земјите од француско говорно подрачје.
Во својата кариера има објавено над 260 научни трудови и 130 монографии од областа на неврологијата и епилептологијата.