Македонската истакната писателка за деца Бистрица Миркуловска почина вчера, соопшти Друштвото на писатели на Македонија каде таа со 94 години беше најстариот член.
„Бистрица своите први обиди на македонски јазик, кој не ѝ беше мајчин, ги направи уште во првите македонски списанија за деца, започна да пишува уште во она време кога не беше примерно да се биде поетеса, а таа го издржа тој пат пред сите предизвици на поетското писмо, од пишувањето за деца преку мал заграб во интимната поезија, до најновите чекори да се биде пред сите во освојувањето на формите, на хаикуто и на танка записите, и со смелоста интертекстуално да се излезе од друга поетска реч, во името на јубилејноста, независно дали на прославата или на мементото. А да се биде писател за деца од ковот на Бистрица Миркуловска, значеше да се има педагошки пристап кон детето од сите овие различни времиња што го одбележија нашето совремие особено од шеесеттите години на минатиот век“, велат од Друштвото.
Миркуловска во својот богат опус создаван над шест децении ги напиша книгите за деца „Цвеќенца“ (поезија), „Клучарчиња“ (роман), „Првачиња“ (поезија), збирките раскази „Виножито“ и „Градинче“, „Прекршен лет“ (поезија), „Ѕвездена“ (бајки), „Виделина“ (бајка), „Kdyz kvetly kastany“ (Кога цутеа костени, поезија).
„Активно творејќи во два века, во првите децении на XXI век Миркуловска на секоја размисла што допрела до неа независно преку кој медиум, знаела да ѝ дава современа поетска димензија, да ги открива тајните на микрокосмосот, интертекстуално да навлегува во порите на поезијата од сите светски меридијани и, бездруго, во македонската, во стиховите на Конески, кому со поетска збирка ќе му го одбележи јубилејот – сто години од раѓањето („Микрокосмос“, 2021), и секогаш во духот на Конески „со добра мисла’“, истакнуваат од писателската асоцијација.
Добитник е на „Потокарова повелба“ на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија за преводи од словенечки на македонски јазик. За една од последните нејзини стихозбирки „Фатаморгана“, ДПМ во 2017-та ѝ ја додели наградата „Даница Ручигај“.