Писателот и хроничар на Скопје, Данило Коцевски почина на 73 години по кратко боледување. Погребот се одржа денеска на Градските гробишта Бутел во присуство на семејството, пренесе МИА.
Коцевски е роден во 1947 година во Куманово. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. На Интердисциплинарните студии по новинарсто на скопскиот универзитет ги држел вежбите по теорија и практика на новинарството.
Еден е од иницијаторите за основање на Институтот за македонска литература, заедно со Георги Сталев, Слободан Мицковиќ и Душко Наневски, на почетокот на осумдесетите години. Член на Друштвото на писателите на Македонија станал во 1973 година. Со група еминентни македонски писатели основач е на здружението на Независните писатели на Македонија, во текот на 1993-1994 година.
Првата книжевна творба ја објавил во весникот „Нова Македонија“ во 1962 година. Објавил 26 книги од сите жанрови, како и неколку драмски текстови. Добитник е на еминентни признанија од областа на книжевноста и публицистиката, a негови текстови се преведени на неколку јазици и застапени во неколку антологии.
Познат е и како хроничар на градот Скопје, со неколку издадени книги и повеќе документарни и телевизиски емисии посветени на градот.