Ренди Мајснер, американскиот басист и пејач кој ја коосноваше рок групата „Иглс“ почина на 77-годишна возраст, пренесе „Би-Би-Си“.
Информацијата за неговата смрт беше потврдена вчера на официјалната страна на бендот кои го опишаа како „интегрален“ и „инструментален“ во раниот успех на групата што Мајснер ја основаше заедно со Дон Хенли, Глен Фреј и Берни Лидон.
„Неговиот вокален опсег беше неверојатен, како што е забележливо во баладата со негов потпис, ‘Take It To The Limit’“, изјавиле од бендот.
Мајснер почина од компликации предизвикани од хронична опструктивна белодробна болест.
Тој помогна во формирањето на групата во 1971 година, станувајќи водечки вокал на песната „Take It To The Limit“ на која е коавтор. Мејснер исто така придонесе со бујни високи во мега-хитот на групата, „Hotel California“ и „The Best of My Love“.
„Иглс“ е еден од најуспешните бендови во историјата кој има продадено повеќе од 150 милиони албуми низ целиот светот, два од кои се и меѓу најпопуларните музички албуми на сите времиња. Бендот во 1998 година беше примен во Рокенрол Куќата на славните.
„Интересно е што откако ги направивме тие албуми, јас никогаш не ги слушав, освен ако некој дојдеше кај мене или ако јас отидев на гости некаде па се слушаа во позадина и тогаш си велев во себе ‘колку се проклето добри овие плочи’“, изјавил Мајснер во една прилика.
По смртта на гитаристот Глен Фреј во 2016, Хенли изјави дека „Иглс“ повеќе нема да настапува како бенд. Сепак, тие овој септември во Њујорк треба да ја започнат нивната последна турнеја.