Британскиот актер Роџер Мур почина денес на 89-годишна возраст, после кратко боледување од рак.
Во изјава од семејството, пишува: „Со тешко срце објавуваме дека нашиот сакан татко, Сер Роџер Мур, почина денес во Швајцарија после кратка, но храбра битка со ракот“.
„Љубовта со која беше опкружен во неговите последни денови беше толку голема, што не може да се опише со зборови“, велат од семејството.
Мур беше третиот актер кој ја толкуваше улогата на тајниот агент 007. Сепак, Бонд го има играно во дури седум филмови – повеќе од било кој друг актер.
Во 1991 година стана Амбасадор на Добрата волја на УНИЦЕФ. Има соработувано со ПЕТА на видео кампања од протестите против производството и продажбата на големо на месни продукти. Титулата Витез на Редот на Британската Империја, популарно позната како „Сер“, му беше доделена во 2003 година, поради неговата долгогодишна хуманитарна работа и актерската кариера.