Почина Шенон Доерти, популарната Бренда од серијата „Беверли Хилс 90210“

На 53-годишна возраст почина актерката Шенон Доерти, или како што многумина ја знаеја – Бренда од серијата „Беверли Хилс 90210“, со која растеа милион тинејџери во текот на деведесеттите.

Смртта на Доерти за „Пипл“ ја потврди нејзината публицистка Лесли Слоун.

„Со тешко срце ја потврдувам смртта на актерката Шенен Доерти. Во саботата, на 13 јули, таа ја загуби битката со ракот по долги години борба со болеста“, изјави Слоун.

„Посветената ќерка, сестра, тетка и пријателка беше опкружена со нејзините најблиски, како и со нејзиното куче Боуви. Семејството во овој момент бара приватност за да можат да тагуваат во мир“, продолжи Слоун.

На ѕвездата од „Беверли Хилс 90210“ првпат и беше дијагностициран рак на дојка во 2015 година.

Во 2017 година, Доерти откри дека ракот и се вратил откако минуваше третмани.

Доерти влезе во фокусот на јавноста портретирајќи го ликот на Бренда Волш, сестра на Брендон Волш и дел од дружината со Дилан, Кели, Стив, Андреа, Дејвид и Дона. Тие беа група тинејџери во „Беверли Хилс 90210“ што растеа во Калифорнија и го пробиваа својот животен пат од училишните денови, се’ до зрелоста.

Серијата ја имаше својата премиера во октовмри 1990 година. Доерти го напушти шоуто по четвртата сезона во 1994, а потоа ја репризираше улогата неколку пати појавувајќи се како гостинка во римејкот во 2008 година.

Доерти глумеше во серии, филмови, но и беше дел од реални ТВ шоуа.