Почина славниот албански писател Исмаил Кадаре

На 88-годишна возраст денеска почина славниот албански писател Исмаил Кадаре, пренесува Радио Слободна Европа.

Извори од Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ во Тирана, исто така, објавија дека Кадаре „доживеал кардио-респираторен застој“.

Кадаре е роден во 1936 година во градот Ѓирокастро во јужна Албанија. Триесет години од својата писателска кариера, Кадаре живеел во комунистичка Албанија, каде што ги напишал и своите ремек-дела „Генералот на мртвата армија“, „Големата зима“ и „Мостот на три сводови“.

Кадаре е „еден од највпечатливите романсиери што пишува на кој било јазик“, пишува за него „The Wall Street Journal“.

Неговите книги се преведени на повеќе од 45 јазици. Многу од нив беа забранети во комунистичка Албанија – меѓу нив и „Палата на соништата“, во која Кадаре елаборира за односот меѓу моќта и поединецот.

Кадаре има освоено неколку меѓународни награди, а со години се споменуваше и како можен претендент за Нобеловата награда за литература.