Почина Тејлор Хокинс – тапанарот од „Фу Фајтерс“

Американскиот рок бенд „Фу Фајтерс“ објави дека починал нивниот долгогодишен тапанар, Тејлор Хокинс.

„Бендот е обземен од трагичната загуба на нашиот сакан Тејлор Хокинс. Неговиот музички дух и заразна смеа ќе останат со нас засекогаш“, гласеше твитер објавата од официјалниот профил на „Фу Фајтерс“.

„Гардијан“ пренесува дека фанови на бендот започнале да се собираат пред хотелот во Богота каде што бендот престојувал, а Хокинс го пронашле мртов.

По настапот во Колумбија, „Фу Фајтерс“ имаа закажано настап во Сао Паоло на музичкиот фестивал „Лолапалуза“, пред да започнат со својата турнеја низ САД.

Посвети за Хокинс, кој членуваше во бендот 25 години, ги преплавија социјалните мрежи.

Бендот „Колдплеј“ на својата светска турнеја ја посветија песната „Еверглоу“ за Хокинс, а изведувачката Мајли Сајрус изјави дека нејзиниот нареден концерт ќе биде посветен на Хокинс.

Своите приказни со Хокинс ги споделија и тапанарот на „Блинк-182“, Тревис Баркер, како и гитаристот на „Рејџ агенст д машине“, Том Морело и Ози Озборн.

Познат како енергичен шоумен, Хокинс беше еден од најпрепознатливите музичари од бендот, а често се појавуваше заедно со Дејвид Грол во интервјуа и видеоспотови.