Почина уште еден пациент што се лекуваше во Литванија, бројот на жртви во кочанската трагедија порасна на 61

Почина уште еден пациент кој се лекувал во болница во Литванија откако настрадал во пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, соопшти попладнево министерот за здравство Арбен Таравари, пренесува Мета.мк.

Станува збор за 29-годишниот Александар Гавриловски од Пробиштип.

„Денеска почина и вториот пациент кој престојуваше во Литванија. Гавриловски беше во критична сосојба уште од почетокот. Од ГОБ „Наум Охридски“ беше упатен во Литванија. Од 4 април неговата состојба се влоши, од вчера беше на дијализа и за жал, денеска во 11 часот почина. Ова е втор пациент од 193 што се третираат во странство и во нашата држава кој почина“, изјави Таравари.

Со ова, бројот на жртви во трагедијата во Кочани што се случи на 16 март се искачи на 61, откако минатата недела, исто така во Литванија, почина и Александар Карадакоски, управителот на компанијата „МММ Кафе“ ДООЕЛ којашто управувала со кабарето „Пулс“.

Минситерот Таравари на денешната прес-конференција кажа оти во странските медицински центри во моментов се лекуваат 66 пациенти, а во Македонија 10. Остануваат уште двајца критични пациенти, рече Таравари.

На 16 март во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани се случи пожар во кој животот го загубија 59 лица, а од нив 6 малолетници, додека околу 200 беа повредени. Првичните сознанија покажаа дека дискотеката работела со фалсификувана лиценца.

Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски неколку дена по катастрофата соопшти дека осомничени се вкупно 34 лица, вклучувајќи ги сопственикот и управителот на дискотеката „Пулс“, обезбедувањето, поранешен министер, државен секретар, раководители на сектор и одделение, помлад соработник, поранешни градоначалници, директори на пазарен инспекторат, инспектори, градоначалници, продавачи на билети, неколку компании, полициски службеници. Коцевски кажа дека сите тие знаеле оти дискотеката не ги исполнува условите, но придонеле кон тоа таа да работи и да организира концерти и забави.