Почна изградбата на училиштето во Чашка за учениците кои од почетокот на оваа учебна година учат во џамија во цело Бањица. Министерката за образование очекува изградбата да заврши за два месеца.
„Поставена е бетонска платформа и очекувам целиот процес да биде завршен за два месеци, а во меѓувреме градоначалникот ќе обезбеди опрема за новиот училишен објект“, изјави вчера министерката Весна Јаневска.
Подрачното училиште се гради во селото Бањица во Општина Чашка. Како што информира МОН, за инвестицијата се издвоени 6,6 милиони денари. Во ова училиште треба да учат ученици етнички Албанци од прво до петто одделение кои наставата ќе ја следат на својот мајчин јазик.
Потребата за изградба на уште едно училиште во Чашка се интнзивираше кога лани, на почетокот на второто полугодие група граѓани секојдневно го блокираа влезот на училиштето „Тодор Јанев“ со што се попречуваше наставата за 150 деца, етнички Македонци и Албанци. Причина за протестите организирани од советот на родители беше отворањето на паралелка на албански јазик што беше овозможено лани во септември откако МОН му ги одзема ингеренциите над училиштето на градоначалникот.
Со изградбата на објектот за кој МОН од почетокот на оваа учебна година најави дека ќе биде готов за два месеца, ќе се отвори простор за учење на албански јазик само за учениците од прво до петто одделение. Основците во повисоките одделенија ќе продолжат да учат во „Тодор Јанев“ на македонски јазик.