Во скопското средно училиште „Боро Петрушевски“ – АСУЦ денеска започна пробното ПИСА тестирање кое ќе продолжи да се спроведува електронски во следните 10 дена. Во него ќе бидат вклучени вкупно 885 ученици на 15 годишна возраст од 13 средни училишта.
Северна Македонија ќе учествува во меѓународното ПИСА тестирање кое го организира ОЕЦД, а ќе се спроведе во 2022 година. Со него ќе се проверува научната и математичката писменост, писменоста за читање и креативноста во размислувањето.
Од Министерството за образование и наука се надеваат дека учениците ќе покажат подобри резултати во однос на изминатите тестирања. Оттаму посочуваат дека токму слабата оценка на учениците на претходните ПИСА тестирања била усвоена нова Концепција за основно образование со што треба да се обезбеди поинтерактивна и поефективна настава.
„Со цел запознавање со процедурите за спроведување на тестирањето, за наставниците уште во текот на минатата година беа организирање онлајн обуки, додека поголема група ученици денеска е дел од пробното тестирање преку кое ќе ги увидиме сите аспекти на кои ќе треба да се посвети поголемо внимание при главното тестирање следната година. Мораме добро да се подготвиме и да добиеме објективни резултати. Тие нам ни се особено важни како земја во развој и ќе бидат патоказ за креирање на идните образовни политики“, рече министерката Мила Царовска при денешната посета на „Боро Петрушевски“ – АСУЦ.
ПИСА е најголемото светско меѓународно истражување во образованието во кое се вклучени ученици на 15 годишна возраст. Се спроведува уште од 2000-та година од страна на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) и се вклучени повеќе од 85 земји учеснички.
Преку ова тестирање се мери примената на знаењата од научната писменост, математичката писменост, писменоста за читање на учениците, а во 2022 година за прв пат ќе се мери креативно размислување на учениците.
Северна Македонија преку Министерството за образование и наука до сега има учествувано во три циклуси: ПИСА2000, ПИСА2015, ПИСА2018. Ова ќе биде четврто учество на македонските средношколци во студијата, а реализатор е Државниот испитен центар.
За реализација на пробното тестирање, Светска банка набави информатичка опрема исклучиво за оваа цел.