Со првата клапа вчера на железничката станица во Драчево започна снимањето на „Три дена во септември“, дебитантскиот игран филм на режисерот Даријан Пејовски.
„Три дена во септември“ е замислен како психолошки трилер, студија на два карактери кои преку меѓусебниот однос ги разоткриваат своите тајни и трауми.
Главните ликови, Јана и Марика се запознаваат во воз и за необично кратко време се зближуваат. Одат заедно на село, во изолиран планински крај кој крие случувања од минатото на Јана. Времето минува бавно и тензично, а сомнежот за нивните вистински намери е се посилен. Една по една, тајните се откриваат. Двете жени немаат друг излез освен да си помогнат секоја од нив да ја оствари својата вистинска цел.
Филмот за кој Пејовски и Игор Иванов заедно го напишаа сценариото, ќе се снима дваесетина дена во Преспа, Јасен и Скопје. Во главните улоги играат Ирена Ристиќ и Камка Тоциновски, додека останатите улоги се на Адем Карага, Салаетин Билал, Милица Стојанова, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Кријезиу, Ментор Зимберај и Блерим Черичи.
Фимот е поддржан од Агенцијата за филм , а финансиски удел има и косовската продукција „Иконе студио“.