Се конституираше Клубот за младински прашања и политики на Собранието

Клубот за младински прашања и политики на Собранието, денеска ја одржа својата конститутивна седница, на која за координатор беше избран пратеникот Јован Јаулески.

Со седницата претседаваше Артина Ќазими, како најмлада пратеничка во Собранието. Таа најави успешна работа на Клубот, како продолжение на сѐ она што е сработено од неговото формирање во 2017 година и посветеност на спроведување на Законот за младинско учество и младински политики, донесен во јануари годинава.

Покрај пратениците и поканетите гости, на седницата присуствуваше и претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери.

„Важна е вашата улога како законодавци, да бидете нишката која ќе ги поврзува сите засегнати страни, за крајниот резултат да биде во полза на сите млади. Бидете нивниот глас, поддршка и врата на која ќе можат слободно да тропнат и да го споделат својот проблем. Бидете инвентивни, креативни и истражувајте најразлични начини да допрете до младите и да го доближите Клубот за младински прашања и политики до нив. Бидете добар пример и за нив, и за нас повозрасните колеги во Собранието, а ние ќе бидеме до вас на секој ваш иден чекор и преземена иницијатива“, порача Џафери.

 

Клубот беше формиран во 2017 година со поддршка на Весминстер фондацијата за демократија и Националниот демократски институт со цел пратениците да го зголемат присуството на младинските прашања и да го поттикнат младинското учество преку Собранието, низ дијалог и соработка.