На 21-то издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ ќе бидат прикажани 15 претстави, во кои 50 актери ќе се натпреваруваат за престижната награда – медалјон со ликот на познатиот македонски актер.
Со претстава „Хеда Габлер“ на Битолскиот народен театар завчеравечер на големата сцена во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица почна дваесет и првото издание на фестивалот. Претставата на отворањето беше проследена со бурни овации од публиката .
Како што истакна уметничкиот директор на фестивалот Ванчо Ристов, годинава струмичката публика ќе може да види претстави од македонските и од театрите во Бугарија, Грција, Словенија, Србија, Русија, Романија и од Косово. Некои од странските театри доаѓаат вторпат, а новина е учеството на Московскиот градски театар и на романскиот.
Селекторот Благоја Стефановски во почетокот на фестивалот не го криеше задоволството од претставите и актерите што ќе учествуваат во изборот за најдобриот актер.
– На фестивалот ќе имаме неколку навистина големи претстави. Некои од нив, пак, ќе се изведат на камерната сцена, а некои влегуваат во делот на истражувањето на стандардите што ги бара новата европска театарската мрежа „Нета“, која е присутна на фестивалот – рече Стефановски.
Новитет на ова издание на фестивалот е Сцената 24, на која ќе се прикажуваат мали театарски форми, по полноќ, за младата публика. Во рамките на ФКТ „Ристо Шишков“ ќе се одржат и три промоции на дела од театарскиот живот.
Извор: Нова Македонија