Наставниците кои работат со ученици од прво до трето одделение почнаа да се вакцинираат како дел од масовното вакцинирање во салата „Борис Трајковски“.
„Вакцинацијата на наставниците започна од вчерашниот ден и продолжува во наредниот период. Станува збор за етапно вакцинирање при што од страна на здравствените работници се повикуваат наставниците со однапред закажан термин и час. Министерството за образование и наука апелира наставниците да се пријавуваат за вакцинација со цел побрзо сузбивање на корона вирусот“, стои во соопштението на Министерството за образование и наука.
Оттаму информираат дека во моментов, на територија на целата држава, има 57 инфицирани ученици и 130 наставници кои следат и изведуваат настава со физичко присуство.
„Процесот на вакцинација заедно со почитувањето на мерките засега е единствениот начин да ја намалиме трансмисијата во државата вклучително и образовните институции“, велат од МОН.
Според нив, состојбата во образование со коронавирусот е стабилна и хибридниот модел на настава се покажал како ефективен за заштита на учениците и наставниците од ширење на Ковид-19 во училиштата.