Со испитната претстава „Азизнаме“ на студентите по актерска игра во класата на проф. Елјеса Касо на Факултетот за Драмски Уметности (ФДУ), денеска почнува 23-то издание на „Скомрахи“ – меѓународни средби на студенти од факултетите и академиите за драмски уметности што ќе траат до 6 ноември.
На средбите ќе учествуваат студенти од Белград, Загреб, Приштина, Сараево, Софија и Љубљана.
Деканот на ФДУ, Лазар Секуловски, на прес конференцијата во петокот најави богата програма со филмови, претстави, но и промоција на книгата „Политиката и изведувачките уметности“ од Џанел Рајнелт. Преку овие средби, тој рече дека ќе се одбележат 45 години постоење на факултетот.
Во четврток, на затворањето ќе се прикаже „Мизантроп“ – испитна претстава на студентите по театарска режија во класата на проф. Дејан Пројковски од Универзитетот ЕСРА.
Театарските претстави ќе бидат на ФДУ, освен претставата на ЕСРА која ќе биде изведена во Драмски театар-Скопје. Влезот за сите настани е слободен за посетителите.