Со премиера на операта во четири чина „Трубадур“ на Џузепе Верди, вечер (9 мај) во Националната опера и балет ќе бидат отворени 52. Мајски оперски вечери.
Како што информираат од НОБ, операта „Трубадур“ е во режија на Иван Поповски. Диригент на операта е Енрико Довико од Италија, сценограф е Миодраг Табачки од Србија, костимограф е Марија Пупучевска и кореограф е Саша Евтимова.
Во насловната улога ќе настапи тенорот Зоран Сотиров, ликот на Ацучена ќе го толкува мецосопранот Сања Анастасија од Србија. Покрај нив, ќе настапи екипа од домашни артисти: Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Јане Дунимаглоски, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Од НОБ на прес-конференција минатата недела соопштија дека подготвиле ексклузивна програма која покрај премиерата и репризата на „Трубадур“, ги има и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски на 15 мај и операта „Валкира“ на Вагнер на 18 мај.
Во годината посветена на Џакомо Пучини на 23 мај ќе биде изведена и операта „Тоска“.
Новина за овие „Мајски оперски вечери“, како што информираат од НОБ, е изведбата на камерна опера – современа а капела опера „Свадба“ со која на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана.
Традиционално, „Мајските оперски вечери“ ќе завршат на 31 мај со Вердиевата „Аида“.