Со прикажувањето на два документарци, музичкиот „Меѓу два урагана“ на Брет Моргaн посветен на легендарните „Ролингстоунс“ и „Сакро Гра“ за кој Џанфранко Роси го доби „Златниот лав“ во Венеција, вечерва од 20.00 часот, во киното Милениум започнува 12-то издание на Фестивалот на европски филм „Cinedays“. На манифестацијата, до 23 ноември, под мотото „Европа тоа го прави најдобро!“, во пет кино-простори, публиката ќе има можност да проследи седум програми, со стотина гости, работилници, предавања, средби и перформанси.
„Оваа година мислам дека сме на еден пат, на една патека, на една траса со која созреваме. Тоа пред сè се гледа преку оние контакти што ги имаме во Европа, со филмските работници, со младите режисери на кои кога ќе им пишеме дека сме од филмскиот фестивал Синедејс, дека големиот пријател, големиот човек, големиот филмски работник Бернд Будер од Берлин е нашиот селектор, нема потреба како во минатото да појаснуваме кои сме, што сме, колку сме и како сме, туку едноставно комуникацијата тука започнува и тука завршува и потем следуваат оние формално правни нешта како испраќање на материјалите, на филмот, букирање на летовите и сè останато“, вели Златко Стефковски, директор на Младинскиот културен центар за Радио Слободна Европа.
Во гала-програмата се филмови на Џармуш, Торнаторе, Содерберг, Брајан де Палма, Вуди Ален, Винтерботом, Вонг Кар Ваи, Анджеј Вајда, Абделатиф Кешиш (добитникот на „Златна палма“ во Кан), добитниците на „Златна мечка“ и „Сребрена мечка“ на Берлинале – Калин Петер Нецер и Данис Тановиќ.
Цената на билетите за сите филмови е 100 денари. За информации за филмовите кои ќе бидат прикажани на годинешниот фестивал и комплетната програма, посетете ја веб-страницата на Cinedays.