Почнува детскиот театарски фестивал „Битолино“

Денеска (5 август, вторник) во 20:00 часот во Големата сала на Центарот за култура во Битола започнува четвртиот интернационален детски театарски фестивал „Битолино“.

Фестивалот ќе го отвори претставата „Алиса во земјата на чудата“ на Детскиот културен центар Белград од Србија, во режија на Ања Суша. Во следните денови ќе донесе претстави и од Израел, Романија, Хрватска и Италија.

Започнува детскиот театарски фестивал „Битолино“

Од Израел на „Битолино“ доаѓа куклената претстава „Кога се’ беше зелено“ на Дикла Катц и Ави Злича од „Театар Клуч“ од Тел Авив, која ќе може да се види утре од 13 и од 18,30 часот. Тоа е претстава без зборови, за едно момче и дрво, за децата и возрасните, за зеленилото и бетонот. Оваа претстава учествувала на фестивали во Унгарија, Сенегал и Јужна Кореја и е добитник на Наградата за најдобар детски мјузикл за 2014 година. Додека, од 20 часот е претставата од Романија „Падобранци“ на Ивица Шимич, во продукција на „Тандарика театар“ од Букурешт. „Падобранци“ се смета за култно дело на Шимич, кое е одиграно на многу светски фестивали, во Сиднеј, Вашингтон, Токио, Лондон. Тоа е претстава која, навидум, се занимава со гравитацијата, а всушност, зборува за животот кој е испреплетен со подеми и падови и во кој сите по малку сме падобранци.

Третиот и последен фестивалски ден ги носи хрватската претстава „Смешно чудовиште“ на Ана Пролич во продукција на „Мала сцена“ од Загреб и италијанската „Елмеровите соништа“ на Џиорџио Путзоли во продукција на „Театар сенка“ од Марцало. Првата работена според текстот на јапонскиот драматург Асаја Фуџита за љубовта помеѓу чудовиште и една слепа девојка, а втората за едно мало слонче Елмер кое се бори да ја ослободи Саваната од луѓето и нивното ѓубре.

Интернационалното жири ,кое годинава ќе одлучува за тоа која претстава е најдобра, го предводи Валдет Рама, актер и режисер од „Додона театарот“ во Приштина, а членови се: Борис Чоревски, доајенот на Битолскиот театар и Бојана Артиновска – Трпческа, ликовен уметник.

Битолино“ се одржува во организација на „Бабец театар“ од Битола, кој работи со театарската школа што брои околу 30 членови, деца на возраст од 6 до 12 години, кои работат под менторство на актерката Јулијана Мирчевска.

Извор