Вкупно 18.370 пријавени кандидати во оваа учебна 2013/2014 година утре ќе полагаат мајчин јазик, прв од четирите матурски испити, неопходни за продолжување на образованието на некоја од високообразовните институции.
На 11 јуни матурантите ќе полагаат англиски, француски, германски или руски јазик, на 13 јуни математика, естетика и филозофија, а на 16 јуни испитите по хемија, физика, биологија, историја и бизнис, пишува МИА.
Интерните испити ќе се полагаат во термини утврдени од училишната матурска комисија на предлог на соодветните предметни комисии и тоа во период од 16 до 30 јуни во јунски испитен рок и од 18 до 23 август во августовски испитен рок.
– Годинава матурантите полагаат согласно новиот концепт за државна матура, односно т.н. 1+2 модел кој предвидува полагање три екстерни и еден интерен предмет. Покрај мајчиниот јазик, кој е задолжителен екстерен предмет, кај другите два екстерни предмети постои можност за избор. Првиот се избира од два општообразовни наставни предмети и тоа математика и странски јазик за учениците од гимназиско и средно стручно образование, односно странски јазик и естетика или филозофија за учениците од средно уметничко образование. Кај вториот екстерен предмет со право на избор ученикот одлучува од понудената листа на предмети од општествената и природната група, информира на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Кај интерниот предмет, пак, ученикот избира еден од понудената листа и тоа општообразовен предмет за учениците од гимназиско образование или стручен предмет за учениците од средно стручно и средно уметничко образование.
Министерот за образование и наука појасни дека прелиминарните резултати од екстерните испити на кандидатите ќе им бидат достапни најдоцна 30 дена од спроведувањето на последниот екстерен испит. Доколку кандидатот смета дека е направена грешка во оценувањето, пресметувањето на бројот на бодовите или изведувањето на оценката, може да достави приговор во рок од два дена по нивното објавување. Учениците кои од оправдани причини не можат да полагаат во јунскиот рок или, пак, нема да положат дел или сите испити од државната матура тоа ќе може да го направат во августовскиот испитен рок.
Ристовски информира дека годинава, во споредба со лани, е зголемен бројот на кандидати кои избрале да полагаат математика што, како што истакна, можеби е показател за зголемениот интерес кај матурантите да го продолжат образованието на некои од техничките факултети.
Математика на основно ниво, истакна, избрале да полагаат 2.398 ученици, а 26 математика на напредно ниво, додека минатата година 2.142 кандидати полагале математика на основно ниво и само 12 математика на напредно ниво. Вообичаено, додаде Ристовски, како и други години најмногу кандидати ќе полагаат англиски јазик или вкупно 16.858 ученици, истакна Ристовски.
Во процесот на државната матура, покрај вработените во Државниот испитен центар, се вклучени училишни членови на матурски комисии, 2.000 обучени тестатори наставници, 500 оценувачи, а ќе ги следат над 200 овластени испитувачи.