Почнува фестивалот за класична гитара „Тремоло“

Денеска се отвора седмото издание на интернационалниот фестивал за класична гитара „Тремоло“ во Скопје кој ќе трае до 27 март.  По седми пат во Скопје и Македонија ќе се одржи и интернационален натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории, како и мастер часови.

Фестивалот е во организација на Детскиот културен центар – „Карпош“ и Град Скопје и прераснува во културна манифестација која ги обединува љубителите на класичната гитара, учениците и педагозите.

Годинава членови на жирито се светски прочуените гитаристи Антонио Фрушела од Италија, Штефан Шмит од Германија, Џевдет Сахатчија од Косово, Зоран Аниќ од Србија и Борче Наумовски и Миле Каровски од Македонија.  За победниците по категории се предвидени вредни награди, а главната награда, акустична гитара, рачно изработена во Германија од Armin& Mario GROOP ќе му припадне на најдобриот кој ќе се натпреварува во седмата категорија ( без возрасен лимит ) .

На 25 и 26 март ќе се одржат и два концерти во „Културно информативниот центар“-КИЦ –Салон 19/19 , а на 26 март, во Концертна сала на ФМУ. Фестивалот ќе биде затворен на 27 март во Концертна сала на ДКЦ “Карпош“ со настап на победниците на натпреварот.