Во среда (16 октомври) со почеток во 12.оо часот во новоотворениот бар „Цреша“ (ул. Рајко Жинзифов бр 8, зад трговскиот центар Буњаковец) ќе се означи почетокот на шестото издание на фестивалот за современ танц и перформанс – „Locomotion“.
Можеби во години јубилејот не e многу голем, но за организаторите е сепак многу значаен. Тој претставува континуитет што ѝ овозможува на македонската публика и на професионалците од полето на изведувачките уметности, следење и запознавање со современите тенденции, начини на работа и изразни форми на истакнати кореографи, танцувачи, теоретичари, критичари и продуценти од полето на современиот танц и перформанс од Европа и регионот. Ова е фестивал што овозможува платформа за поддршка и презентација на млади кореографи и танцувачи од Македонија, а со тоа и развој на едукација и продукција на оваа уметничка дисциплина кај нас.
Годинашново, шесто издание на фестивалот ќе се случи во периодот од 19 до 25 октомври, во Младинскиот културен центар.
И ова издание ќе понуди современи, квалитетни и возбудливи содржини од реномирани автори. Годинава на „Locomotion“ доаѓаат истакнатите светски кореографи од Швајцарија Martin Schick и Foofwa d’imobilite. Фестивалот го организира Центарот за нови иницијативи во културата и уметноста Локомотива.
Извор: mkd.mk