Во знак на првиот ден од пролетта, или денот кога настапува рамноденица, Google приготви креативна анимација на почетната страна на пребарувачот.
Рамноденица е деноноќјето кога должината на денот и ноќта се исти, и се случува два пати годишно, на почетокот на пролетта и на есента.
Во Македонија, како и на целата северна хемисфера, денеска во 17 часот и 57 минути календарски почнува пролетта. Во исто време на јужната полутопка на Земјата ќе настапи есен.
Денот ќе трае 12 часа и 5 минути. Сонцето изгреа некаде околу 5 и пол часот, а ќе зајде во 17 часот и 44 минути.
На првиот пролетен ден во Македонија се очекува сончево време со температура до 22 степена.
Пролетта трае до 21 јуни кога пак календарски започнува летото. Летното сметање на времето започнува ноќта помеѓу 29 и 30 март кога часовниците ќе треба да се поместат еден час напред.
Светот денеска го одбележува и Меѓународниот ден на среќата. Генералното собрание на Обединетите нации во 2012 година го прогласи 20 март за Меѓународен ден на среќата, признавајќи ја важноста на среќата и благосостојбата како универзални цели и аспирации во животот на луѓето во светот, како и важноста за нивно поставување како цели на јавната политика.