Клубот Матица, од утре, го започнува традиционалниот, 14-ти по ред Саем на книгата „Книга во секој дом“. Годинава со поднаслов „300.000 книги во Матица“, на читателската публика во десетината саемски денови ќе и бидат понудени наслови од комплетната домашна и странска продукција.
Во соработка со повеќето македонски издавачки куќи и реномирани светски и регионални издавачки компании како Харпер Колинс, Парагон, Трансворлд, Те Неус, Орион, Лагуна, Делфи, Вулкан и др., до 31 јануари ќе бидат понудени најновите остварувања од домашната и светската прозаистика, архитектура и уметност, најбараните наслови и автори од областа на економијата, филозофијата, гастрономија, лексикографија, ениклопедии, книги за најмалите, креативни проекти итн.
Како што истакнуваат од „Матица“, годинава понудата е огромна и со сигурност може да се каже дека има книги за сечиј вкус и за сечиј џеб. Како големо освежување се најавува и официјализирање на стратешкото партнерство со најголемиот балкански издавач „Лагуна“ од Белград, и отворање на Лагуна клубот во Скопје со нови 2.000 наслови од најновата светската книжевност.
Статистичките податоци за периодот од 14 години од создавањето на Саемот „Книга во секој дом“ од 2000 година, заклучно со минатата, 2013 година, покажуваат континуиран пораст на бројот на читатели, а македонската продукција бележи огромен раст и прогрес во процентуалниот дел од продажбата на книги на македонски јазик.
„Ако во 2000 година, книгите на македонски јазик биле застапени со само 7% од вкупната продажба, во 2013 година македонската продукција е застапена со огромни 83%. Бројот на читатели-членови во 2000 година бил 1.700, за во 2013 година да порасне на 31.329. За осум пати е зголемена квантитативната продажба на книги, за 50 пати е зголемена продажбата на книги на македонски јазик, за 30 пати е зголемена читателската публика, а вкупно се продадени приближно 800.000 книги“, велат од Клуб Матица.
Саемот на книгата „Книга во секој дом“ паралелно се одржува во сите поголеми градови во државата, како Охрид, Струмица, Прилеп, Кавадарци, Куманово, Гевгелија, Струга, Неготино, Гостивар…