Од утре почнува емитувањето на втората сезона од младинското шоу „Нови херои “. Овa e телевизиска серија во која тинејџери работат во тимови и прикажуваат реални граѓански проблеми и предизвици со кои се соочуваат во својата локална средина. Младинското шоу има за цел да ја унапреди социјална кохезија и да поттикне соработка кај младите од различни етнички, културни и социјални средини.
Епизодите од втората сезона ќе се емитуваат неделно на телевизиските канали „ТВ 21“ во сабота во 15:00 часот, почнувајќи од 13 февруари и „ТВ Телма“ во 13:15 часот, почнувајќи од 14 февруари.
Во 12 нови епизоди гледачите ќе може да следат 16 натпреварувачи на возраст од 14 до 18 години, кои ќе организираат локални иницијативи и акции од различен вид преку кои ќе покажат креативност, снаодливост, тимски дух, соработка, мотивираност и меѓусебно почитување. Младите натпреварувачи доаѓаат од Кочани, Гостивар, Скопје, Свети Николе, Тетово, Битола и Штип.
„Наскоро започнува втората сезона на Нови Херои, а ние се уште продолжуваме да го гледаме влијанието на локалните иницијативи спроведени од хероите од првата сезона. Еден месец по снимањето на епизодата во Гостивар, во која што Џан и Бојана го решаваа проблемот со уличните кучиња и нивното згрижување, општината изгради нов стационар. Во Виница, Матеј и Сара организираа акција за расчистување на патеките за планинарење и рекреативно возење на велосипеди на планината Плачковица. Оваа акција на Матеј инспирираше многу млади да се приклучат во неговата иницијатива, што резултираше со формирање на неколку неформални друштва на велосипедисти и младинска еколошка организација за заштита на животната средина во општина Виница”, вели Марко Соколовски од Проектот на УСАИД за Унапредување на социјалната кохезија, имплементиран од Потрага по заедничка основа.
Емитувањето на првата сезона на „Нови херои“ заврши во јануари 2020 година. Во првите 12 епизоди, што се емитуваа на националните телевизии „Телма“ и „ТВ 21“, младите учесници поделени во 8 тимови се натпреваруваа во изнаоѓање на креативни решенија за проблеми во нивните општини.
Тие преку организирање на локални иницијативи и акции ги поттикнуваа своите врсници да бидат активни и да станат пример за општествена одговорност. Во големото финале на шоуто се натпреваруваа два тима составени од четворицата најуспешните учесници во првата сезона. Членовите на победничкиот тим добија парични награди кои им овозможија продолжување на нивниот личен развој и образование во области по нивен избор.
Телевизиското шоу Нови херои е дел од Проектот на УСАИД за Унапредување на социјалната кохезија имплементиран од меѓународната организација Потрага по заедничка основа. Целта на проектот е да ги унапреди односите помеѓу децата и младите од различни етнички, верски и социјални средини, со цел да се зајакне нивната соработка и заедништвото во државата.