Второто издание на алтернативното културно-забавно лето во Охрид кое е во организација на Културолошката иницијатива „5 до 12“ почнува во петок, на 7 август и ќе трае се до 7 септември.
Овогодишниот настан се одржува под мотото „Културата расте со младите“, а првиот настан е закажан за во петок со почеток од 19 часот, односно, „Free Spirit Day“, ден на скејтери, бајкери и блејдери кој ќе се одржи на охридскиот скејт-парк.
„По многубројни консултации со Центар за јавно здравје Охрид, Општина Охрид и Државен Пазарен Инспекторат, сите настани кои се дел од оваа програма се испланирани и подготвени така што организаторите, публиката и учесниците на овие настани да не бидат изложени на никакви ризици на овој проект“, стои во најавата на иницијативата.
Меѓудругото, оваа година ќе се одржи и тридневно летно кино, работилница за цртање и сликање, работилница за фотографија, театарска работилница, како и концерт.
„Во ова време најважно од сѐ е здравјето, безбедноста и одговорноста и со тоа
ве повикуваме сите оние кои ќе ги посетувате настаните на К.И. 5 до 12 оваа година, строго да ги почитувате мерките за заштита од невидливиот непријател КОВИД-19 и да бидете совесни граѓани“, велат од иницијативата.
Оттаму порачуваат „останете безбедни, почитувајте ги мерките и поддржете го мотото ‘Културата расте со младите’“.