Висок комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) под мотото „Надеж далеку од дома“, денеска ширум светот го одбележува Светскиот ден на бегалците. Според последните податоци на УНХЦР, до крајот на минатата година, над 108 милиони луѓе во светот биле принудно раселени. Мнозинството од бегалците се згрижени во земји во развој, односно 76% проценти од нив.
Светскиот ден на бегалците со низа активности се одбележа и во Северна Македонија. Меѓу нив, беше и посетата на бегалци и баратели на азил на Парламентарниот институт на Собранието, каде тие се запознаа со историјата на законодавниот дом
„Денеска и секој ден, го препознаваме придонесот што го прават бегалците и придобивките што ги носат во заедниците кои ги примаат. Придружете ни се во славење на бегалците кои ги имаат обликувано нашите животи со своите инспиративни приказни, сила и таленти“, напишаа претходно од канцеларијата на УНХЦР во Скопје.
Светскиот ден на бегалците се одбележува секоја година на 20 јуни од Обединетите нации и има за цел да ги слави и да им оддаде почит на бегалците ширум светот. За првпат овој датум бил воспоставен во 2001 година, како симбол на 50-годишнината од Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година.