Многубројни гости со силен аплауз го поздравија македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски, по светската премиера на Фестивалот во Венеција, со кој вчеравечер во Центарот за култура во Битола беше отворен 44. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Во Битола, од денеска, во текот на седум фестивалски денови ќе се открива прекрасното непознато, онака како што браќата Манаки со камерата 300 почнале да го откриваат прекрасното непознато, кое може да се види и создаде само преку филмскиот објектив.
„Создавањето на еден филм, на едно уметничко дело, па и на Фестивал секогаш започнува со скок во непознатото. Возбудлив, но и застрашувачки. За среќа тој скок во непознатото најчесто резултира со едно прекрасно патување и завршува со резултат што им носи големо задоволство и на публиката и на создавачите на филмот. Затоа одново и одново скокаме во непознатото. Ова прекрасно непознато ќе ви биде во Битола седум фестивалски денови“, рече на отворањето директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски.
Тој подвлече дека фестивалот е место на слободната мисла на филмските уметници и големите мајстори на филмската фотографија.
„Фестивалот е домаќин на највисоки претставници на француското, британското, кинеското, австралиското, шпанското, корејското, германското, грчкото, спрското, чилеанското и американското друштво на кинематографери. Ќе бидат прикажани 80 филмови, девет работилници и дваесеттина различни настани кои ќе го остават својот сопствен магичен печат на Битола“, рече Дамевски.
На годинешниот лауреат, кинематограферот Питер Бижу, наградата Златна камера 300 за животен опус му ја врачи министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Министерката рече дека Фестивалот „Браќа Манаки“ ги негува вредностите на врвната визуелна уметност и е чувар на споменот за љубопитните браќа Манаки за кои дотогаш непознатото било голем предизвик.
„Вечерва сакам да нагласам дека збирката на движното културно наследство ФОНД 580 „Браќа Манаки – Битола 1853-1964“, која се наоѓа во Државниот архив – одделение Битола, е прогласена за културно наследство од особено значење, во поткатегорија исклучително значење. Збирката од над 1.200 артефакти е оригинално сведоштво за едно бурно време на Балканот и своевиден раопис од европска важност. За историјата на светската кинематографија и да не зборуваме, зошто браќата Манаки беа први на Балканот, меѓу првите во Европа. Македонската кинематографија им ја должи сета почит. Оттаму радува ентузијазмот и страста на овој фестивал од година во година, со децении да ја надоградува љубовта кон добриот кадар“, рече Костадиновска-Стојчевска.
По повод доделувањето на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ пред присутните говореше претседателот на ДФРМ, Игор Иванов Изи кој се осврна на битката на филмските работници за подобри услови за филм, подобар стандард на филмските работници и подостоинствен живот.
„Како обврска на нашата генерација останува конечно стандардизирање на буџетот за филм во рамките на државниот буџет и решавање на статусот на филмските работници. Секој ден сме поблиску до решение и колку и да звучи невозможно, ќе се случи“, рече Иванов.
На вчерашната манифестација ѝ беше врачена наградата на Лабина Митевска, годинешен лауреат на признанието што го доделува ДФРМ.
„Особено ми е значајно ова признание бидејќи доаѓа од мојата фела и што ја добивам во овој град во кој се вљубив пред многу години. Веќе триесет години работам во оваа фантастична професија. Да се создаде филм не е воопшто лесно, но продолжуваме и одиме понатаму. Македонија има многу нешта што може да и ги понуди во светската кинематографија. Имаме одлични автори, добри приказни, имаме фантастични локации“, кажа Митевска.
На свеченото отворање беше изведен перформанс во режија на Дејан Пројковски. Националниот џез оркестар и детски хор ја изведоа „Another brick in the wall“ од „Пинк Флојд“ со што на сцената и во гледалиштето се ширеше филмската магија на „Пинк Флојд: Sидот“ од лауреатот Питер Бижу.