Годинешното 14. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 17 до 24 август.
„Под мотото #пресечи (#cutit) во фокус ја поставуваме монтажата на документарниот филм. Фестивалот ќе се одржи на 4 локации – Куршумли-ан, платото на Музеј на Македонија, Младински културен центар, Даутпашин амам и нашето ново летно кино во Сули-ан“, рече на денешната прес-конференција извршниот директор на фестивалот Дарко Набоков.
Фестивалската програма оваа година најавува повеќе од 100 странски гости, професионалци од областа на документарниот филм.
Отворањето на фестивалот ќе биде на 17 август во Куршумли-ан со проекција на филмовите „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон (Франција) и „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб (Германија), проследени со концерт на локалната група „Искра“.
Филмската програма на 14. „МакеДокс“ во која ќе се прикажат 75 филма е распоредена во пет категории, Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци.
„Монтажата како процес на работа и барање на повеќеслојност во филмската документарна приказна е во
фокусот на овогодишното издание, а по тој повод и Земја во фокус одбравме да биде Данска. Заедно со Данскиот филмски институт скроивме програма од 12 дански долгометражни филмови, а го поканивме и светски познатиот дански монтажер Јеспер Осмунд да одржи работилница“ изјави Петрула Вељановска, дел од програмскиот тим на „МакеДокс“.
Во рамките на главната програма, на 21 август во Куршумли-ан ќе биде и македонската премиера на креативниот документарен филм „Тело“ (Body) на режисерката и сценарист Петра Селишкар.
Мастеркласовите за процесот на монтажа ќе ги одржат српската режисерка Мила Турајлиќ и хрватскиот монтажер Владимир Гојун на 19 и 20 август во Даутпашин амам.
Мастеркласот на Турајлиќ ќе биде поврзан со диптихот документарни филмови „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ и „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“, кои ќе бидат прикажани во главната програма на 20 август во Куршумли-ан.
Работилницата за монтажа со данскиот монтажер Јеспер Осмунд ќе биде заедно со данскиот критичар Ту Стин Милер. Таа ќе се одржи онлајн на 15 август и ќе продолжи од 18 до 20 август. Организаторите информираа дека за работилницата се одбрани четири проекти во фаза на постпродукција од Балканот.
Петтото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи од 21 до 23 август во Младинскиот културен центар.
„Првиот ден од форумот го посветуваме на монтажата, со презентација на четирите проекти од работилницата за монтажа. Потоа ќе се одржи панел-дискусија помеѓу монтажери и продуценти од Балканот. Претставниците од балканските филмски центри и оваа година се дел од Форумот и тие ќе одржат презентација на можностите за постпродукција и копродуцирање. На 22 август, 11 проекти од Балканот, меѓу кои и два македонски, во различни фази на продукција ќе имаат пичинг и еден-на-еден состаноци со филмски професионалци и гости на фестивалот“, објасни Сара Ферро, координаторка на МакеКоПроДокс форумот.
Во склоп на Фестивалот во Куршумли-ан ќе се одржуваат „Разговорите под смоквата“, секој ден во 18 часот во Куршумли-ан и сегментот „Ноќни приказни“ во кој ќе има настап на локални бендови.
За време на фестивалот ќе се одржи втората сесија на петтата генерација „Докуникулци“, кои се дел од работилницата за креативен документарен филм.
„МакеДокс“ во соработка со фестивалот на анимиран филм „Флипбук“ ќе прикаже и неколку наградувани анимирани документарни филмови кои биле дел од програмата „Анидок“.
Целата програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.
Билетите ќе бидат достапни за купување онлајн од 10 август.