Со изложбата „Горан Стефановски и книгите“ и изведбата на „Хеда Габлер“ во режија на Васил Христов, а продукција на Драмскиот театар – Скопје, синоќа во Прилеп беше отворено 58 – то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Годинешната програмата „Промени се, промени сè“ именувана од уметничката директорка Ана Стојаноска на посетителите ќе им понуди единаесет претстави во продукција на националните театри, шест претстави во придружната програма, пет работилници и промоции на повеќе изданија од театарска и театролошка литература од македонски и странски автори.
„Промената е најискрената потрага по сопствениот креативен потенцијал. Промената е и првата победа во битката со конформизмот, старите навики, инертните или наследени ситуации. Промената е во секој од нас, ние сме промената! Педесет и осум пати во овие педесет и девет години овде во Прилеп почнувал фестивал кој влијаел, влијае и ќе влијае на сите нас. Вечерва по педесет и осми пат почнуваме да го славиме театарот, уметноста која спојува во себе многу уметности, уметноста која гласно го говори и игра она што некои го премолчуваат“, рече Стојаноска.
На отворањето, градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески им ги врачи наградите за животно дело на актерите Мими Таневска Србиновска и Јордан Витанов.
„Со огромно задоволство ја примам оваа награда. Пред сè затоа што таа доаѓа од страна на моите колеги, мојата фела, бранша или како што би рекол Горан Стефановски, од моите театарџии. Особено ми е драго што ја добивам токму на 58. издание на фестивалот, каде што автор во фокусот е Горан Стефановски, зашто во сета моја актерска биографија, Стефановски има голем и значителен простор. Сакам да ù се заблагодарам на публиката која во изминатите години беше секогаш со мене и секогаш го имав оној впечаток дека никогаш не сум играла за публиката, туку со публиката, т.е заедно со неа. Од тоа заедништво се родиле безбројни мигови за кои секој актер сонува, поради кои секој актер ја гледа смислата на оваа наша професија. Ви благодарам од сè срце“, рече Таневска-Србиновска.
Градоначалникот Јовчески рече дека во ова време на промени, театарот како уметност има уникатна моќ да нè инспирира, да нè поттикне на размислување и да ни покаже различни перспективи.
„Театарот нè учи на емпатија, на разбирање и на сила да се соочиме со предизвиците. Преку театарските претстави, ние не само што сме сведоци на уметноста, туку и активно учествуваме во неа, чувствувајќи ги емоциите и пораките што ни ги пренесуваат актерите“, изјави Јовчески.
Програмата продолжува и денеска со претставата „Иванов“ во режија на Зоја Бузалковска на Македонскиот народен театар.
Покровители на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ се, Министерството за култура, Општина Прилеп и други општествено одговорни компании.
Целосната програма на фестивалот може да се погледне на следниов ЛИНК.
Симона Паскоска