„Скопје се’ уште добро котира на листите за најзагаден град во светот, и секако, Скопје останува единствен избор за реализација на ова 9-то издание на ‘Под земја полесно се дише’“.
Вака стои во најавата за овој фестивал на „кулаши“, кој ќе се одржува во сабота (23 декември) со почеток од 20 часот во подземните гаражи кај плочник во Скопје.
„Ќе добиете богат репертоар за културно инхалирање свежа продукција од областа на визуелните и музичките уметности. Добропознатите скопски студ, магла и тотална загаденост не се доволни да го спречат Вашиот омилен независен мултимедијален фестивал. Алтернатива за подобро здравје! Дојдете и набавете сѐ што Ви треба од нашиот исполнет штанд со цртежи, торби, маици и чист, неконтаминиран, свеж воздух!“, се вели во најавата.
Ликовната програма ќе биде исполнета со дела на: Ангела Бошевска, Бурџу Мусли, Дамјан Јанкоски, Ертунч Сали, Ивана Самандова, Ивона Петрова, Кристијан Јованоски, Крсто Анастас Глигорјадис, Наташа Неделкова, Самир Карахасан, Сања Симоска, Сара Милошевска, Сашо Алушевски, Сергеј Калеников и Христина Крстеска.
Во музичка програма, пак, се најавени „Moralo“ – сонична фузија, измешани атмосфери и куп предвидливи и непредвиливи пресврти.
Исто така, ќе свират и „The ООZ“.
„The Ooz, ги рекреираат своите емоции во звук со високи децибели, влечејќи инспирација од секојдневните теми за љубов, смрт, сивилото и монотонијата. Петар Маркович на гитара, Андреј Игњатовски на бас, Симон Палитов на тапани, и Марко Вилиќ на гитара, овој бенд експериментира со post-punk, shoegaze и noise rock“, стои во најавата на организаторите од „Кула“.
Во музичката агенда на „Под земја полесно се дише“ се ставени и „Gabberazha“ – Александар Ордев и Максимилијан Сарајлија.