„Подароци“ – изложба на Марко Илиевски во МКЦ

Од денеска (23 декември) до 7 јануари во Галерија МКЦ ќе биде отворена „Подароци“ – изложбата на Марко Илиевски.

„Двете главни идеи што се основа на овој проект насловен „ПОДАРОЦИ“ се интерпретирање историја, традиција, култура и фолклор на модерен начин соодветен за жената денес како и подлабоко навлегување во еден од најголемите проблеми во модната индустрија и светот како целина, а тоа е рационалното, економичното и свесното производство на услуги и добра. Со овој проект сакав да дадам пример на кој начин модните дизајнери можат да придонесат во создавањето подобар свет.

Преку процесите на „upcycling“ (употреба на веќе користени предмети и материјали со цел да се создаде нешто ново, различно од нивната првобитна функција и со поголема вредност) и „recycling“ (употреба на веќе користени предмети и материјали за создавање нешто ново при што не се менува нивната првобитна функција, туку само вредноста, која се зголемува) се обидов да трансформирам материјали како стари завеси, декоративни, рачно плетени и ткаени чаршафи за маси и кревети и таписерии подарени од мојата мајка како и остатоци од други материјали, кои беа употребени при израбтката на мојата прва колекција во нешто што е ново, функционално и може да се користи секојдневно.

Преку ваквиот начин на работа и користењето на таков вид материјали се обидов и да ги зачувам и да ги обновам старите занаети на создавање облека, кои се од огромно значење за земјата и дел од нејзината богата традиција и култура“, појаснува уметникот.

Марко Илиевски е роден на 10.12.1993 година во Скопје. По завршувањето на средното училиште во 2012 година, своето образование го продолжува на Факултетот за ликовни уметности, на отсекот Графика и графички дизајн, како дел од класата на проф. д-р Славица Јанешлиева-Бачварска. Во третата година од неговото студирање ја освојува годишната награда „Драгутин Аврамовски – Гуте“ за најдобро изведено графичко дело.

 

Во септември 2017 година заминува во Париз каде што го продолжува своето академско образование со Мастер студии по Моден дизајн во институцијата IFA (International Fashion Academy). Своите студии таму ги завршува како најдобар во неговата класа, а исто така е еден од избраните за учество во групната ревија на која се претставува со својата прва колекција за сезната есен/зима/2019-2020, насловена „ХЕРОЈ“. По завршувањето на неговите мастер-студии, се враќа во Скопје каде што започнува да работи на свој сопствен бренд. Во овој период тој ја создава капсулната колекција „ОСТАТОЦИ“ во која го разбработува проблемот на рационалното и економичното создавање облека, проблем во кој навлегува уште повеќе во својата втора официјална колекција за сезоната пролет/лето/2020 насловена „ПОДАРОЦИ“.