Битолското здружение „За нас се работи“ даде отворена поддршка за големиот протест против загадениот воздух кој во понеделник ќе се организира во Скопје.
„На овој протест повторно ќе го изразиме нашето незадоволство, страв и револт од состојбата во која се наоѓа нашиот град и повеќето градови во државата. Загадениот воздух е елемeнтарна непогода. Колку поскоро го разбереме тоа, толку побрзо ќе се справуваме со проблемот“, велат од здружението.
Оттаму потсетуваат дека во тек е собирањето потписи од граѓаните како поддршка за петицијата Петка за Битола со која се бара преземање итни мерки против аерозагадувањето.
„До денес, собравме 3257 потписи на хартија и 1256 во електронската петиција. Според нас огромна бројка на поддржувачи. Фактот што собирањето на потписи на отворено се оддржува само во саботните денови на одредено место и во одредено време, се должи на проценката на ненаметнување врз вољата на граѓаните во овие денови пред предстојните празници“, велат „За нас се работи“.
Тие додаваат дека собирањето потписи продолжува во сабота, а секоја недела се работи на континуирано пошумување кај месноста Баир над манастирот во Битола.
„И на крајот сакаме да порачаме одлуката донесена на парламент во текот на вчерашниот ден за топлификација на битола, како и одлуката за прскање на улиците со соодветна хемиска смеса и сите други донесени закони и одлуки ги поздравуваме, но апелираме. Ова е последен пат кога ние граѓаните на Битола ќе дозволиме да не го реализирате одлученото и ветеното. Доколку и сега секоја ваша одлука во насока на подобрување на состојбата со воздухот остане само празно ветување си земаме за право да ви порачаме дека ќе бојкотираме секаков општестевно политички процес, секаков митинг на политички партии и било какви други активности од политички партии, особено оние кои практицираат власт“, велат од здружението.