Министерството за култура ja организираше првата јавна расправа за рестартирање и ревитализација на музичката продукција на Македонската радио-телевизија. На расправата присуствуваа автори и музички продуценти, композитори, претставници од музичките здруженија, од МРТВ, АВМУ и од МИОА, а се расправаше по иницијативата на музичките уметници Кире Костов, Будимка Имери, Љупчо Мирковски, Живојин Глишиќ и Славе Димитров.
Сите присутни, велат од Министерство за култура, дадоа едногласна поддршка за идејата за ревитализација на музичката продукција на МРТ.
Во воведното излагање, министерот за култура Роберт Алаѓозовски посочи дека со иницијативата ќе се подигне квалитетот на композициите и дека рестартирањето ќе резултира со развој и одржливост на домашната музичка продукција и подобра меѓународна промоција. Тој упати и на мерките што во оваа насока се предвидени во петгодишната Стратегија за културен развој која е во собраниска процедура.
„Ќе се отвори простор и транспарентни процедури за создавање нови, крупни музички дела, како и за претставување на нашите најистакнати уметници и ансамбли. Досегашниот модел во МРТ на финансирање песни преку Законот за поддршка на домашната музичка продукција покажа многу грешки и беше злоупотребен, па наместо да се поттикне, продукцијата сериозно се ослаби. Ние сакаме квалитетна музика, која ја негува нашата музичка традиција, но и нови форми на современиот музички звук. Сакаме тоа што се произведува да биде спакувано квалитетно и да биде производ кој ќе ја шири поуспешно приказната за уникатните вредности на ова музичко поднебје“, рече Алаѓозовски.
Советничката за култура на премиерот, Цветанка Ласкова, рече дека во фокусот се авторите и валоризирањето на нивнот труд. Посочи дека Владата ќе го стимулира создавањето творештво со врвен уметнички квалитет.
„Идејата за повторно активирање на Музичката продукција на МРТ е прифатена без никакво двоумење. Таа треба да претставува важен дел од музичката култура и дел од националните стратешки пристапи во зачувување, поттикнување и производство на нови музички содржини од домашни автори и различни музички жанрови. Досегашниот модел во МРТ покажа многу грешки и беше злоупотребувн за купување политичка послушност на уметниците и замре продукцијата која ни создаваше трајни вредности“, истакна Ласкова, додавајќи дека музичката продукција може и мора да ја продолжи својата улога од минатото.
Универзитетскиот професор Живојин Глишиќ се наврати на значењето на МРТ во однос на музичката продукција во минатото, како и на аспектите на нивниот предлог за реактивирање и организирање на Музичката продукција на МРТ што, меѓу другото, подразбира и обнова на оркестрите што постоеле порано.
Според него, Музичката продукција на МРТ го диктирала критериумот за промоција на македонската музика, а дека сега во целото опкружување Македонија има најниски стандарди во однос на презентација на музичкото творештво.
„Денешните млади музичари работат во приватни студија, на иницијатива на автори , и сетотоа главно се одвива на аматерски начин. Дојдоа генерации што не знаат за некогашната Музичка продукција на МРТ и кои не успеале да ги слушнат вредностите направени додека таа постоела“, рече Глишиќ.
Покрај јавните расправи на кои треба да се слушнат мислењата на засегнатите страни, за конкретни предлози и законски измени поврзани со музичката продукција на ЈП МРТ ќе биде формирана интерресорска работна група.