Фондацијата отворено општество – Македонија во соработка со Педагошкиот факултет “Св. Климент Охридски” утре ќе го промовира прирачникот „Креативен пристап во наставата – прирачник за наставници кои развиваат критичко мислење кај учениците“.
Промоцијата ќе се одржи во просторијата 114 на Педагошкиот факултет, со почеток во 12 часот, а ќе бидат презентирани новините во однос на теоријата и праксата за современ пристап во наставата.
Теоретските концепции за наставата се основа врз која се темели развојот и праксата со нови методи за поучување и учење при што во прирачникот е направен спој на двата аспекти коишто овозможуваат наставниците да добијат сознанија и идеи за унапредување на својата работа.
Прирачникот содржи делови за планирање во наставата, оценување, како и техники за учење и настава, а на крај се дадени и примери од реализирани часови по одделни наставни предмети во училишта во нашата држава.
ФООМ и Педагошкиот факултет би сакале да ја истакнат важноста и предноста од долгогодишната соработка во користење на меѓународни и домашни искуства коишто придонесуваат за подобрување на наставниот процес и образованието и обуката на наставници.
Свое воведно обраќање ќе има проф. Д-р Татјана Котева Мојсовска, додека промотор на прирачникот е доц. Д-р Флорина Шеху. Содржината ќе ја претстави тимот автори: Весна Јаневски, Тања Андонова Митревска, Наташа Анѓелеска, Радмила Стројманова и Миле Гочев.