Федералните обвинители подигнаа обвинение против поранешниот американски претседател Доналд Трамп за неговите обиди да изврши промена на резултатите од изборите во 2020 година, во очаен обид да остане на власт. Ова е последен кривичен процес против Трамп, кој доаѓа само неколку недели откако беше обвинет и за неовластено поседување на информации поврзани со националната безбедност.
Обвиненијата поднесени во судот во Вашингтон го товарат Трамп за заговор за измама против САД, заговор и обид за попречување на службени постапки, како и заговор против правата.
Обвинителниот акт, напишан на 45 страници, во детали опишува како Трамп и неговите соработници свесно ширеле лажни наводи за изборна измама и се обиделе да го блокираат сертифицирањето на изборите на 6 јануари.
Обвинението наведува шест луѓе кои учествувале заедно со Трамп во заговорите. Иако тие не се наведени по име, нивните описи одговараат на адвокатите на Трамп – Руди Џулијани, Сидни Пауел, Џон Истман, Кен Чесебро и поранешниот функционер во Министерството за правда, Џеф Кларк.
„И покрај тоа што изгубил, обвинениот бил одлучен да остане на власт. Па, така, повеќе од два месеци по изборниот ден на 3 ноември 2020 година обвинетиот ширел лаги дека имало измама на изборите кои влијаеле на исходот и дека всушност тој е правиот победник. Овие тврдења беа лажни и обвинетиот знаел дека биле лажни“, стои во обвинителниот акт.
„Сепак обвинетиот ги повторувал и ги ширел, со цел да ги направи овие лажни тврдења легитимни, создавал и поттикнувал национална атмосфера на недоверба и бес и ја поткопал јавната доверба во изборниот процес“, се додава во обвинението.
Ова е прво обвинение против Трамп во врска со изборите во 2020 година, а ќе влезе во историјата и како прв случај во кој американски претседател се соочил со кривичен процес за манипулирање со избори.