Кога во 2011 година, лицето Х за првпат поднел барање за промена на назнаката за пол во своите лични документи, не сметал дека тоа ќе се претвори во правна битка која ќе го промени неговиот живот.
Сè до пред неколку недели, тој се соочувал со пречки на национално ниво за остварување на правно признавање на родот. Скоро деценискиот пинг – понг со институците започнал со одбивањето на барањето за промена на личната документација од страна на Управата за водење на матични книги – решение кое било поддржано и од Министерството за правда и Управниот суд.
Одбивањето се заснова на образложението дека лицето Икс нема извршено медицински интервенции за промена на пол, иако не постои таква законска регулација. Приказната добива и кафкијански пресврт кога при крај на судскиот процес, надлежните институции се прогласиле за ненадлежни по ова прашање, иако претходно го одбиле барањето. Судот за човекови права во 2019 пресуди во корист на лицето Икс во случајот „Лицето Икс против Македонија“, но тој само пред неколку недели доби дел од потребната лична документација.
Лицето Икс вели дека според законите, ниедно негово право не требало да му биде ускратено. Но во реалноста, поради родово неточната документација секојдневно се соочувал со безброј пречки.
„Јас дури и со такви документи каде што има нели, машко име меѓутоа ознака „Ж“, никој нема законска основа мене да ме одбие за било што, меѓутоа во праксата секогаш на сцената настапуваат стереотипите и предрасудите на луѓето, па така сум се среќавал на секакви ситуации – од најобични ситуации сум нарачал нешто од „Алиекспрес“ што кошта половина евро и не можам да го подигнам во пошта без да бидам предмет на испрашување – што е ова со личнава карта, дали сте вие итн… Значи за бизарно небитна ситуација. Понатаму при барање на здравствени услуги коишто немаат врска никаква со транзицијата, на шалтер пред полна чекалница јас сум бил исто така предмет на испрашување и понатаму пак не сум ја добил услугата. Тоа е работата. Во пракса, личните ставови на луѓето се тие што го прават проблемот“, истакнува лицето Икс.
Останува отворено прашањето дали Случајот „Лицето Икс против Македонија“ навистина требаше да стигне Стразбур за да се дојде до правда. Адвокатката Наташа Бошкова, која го водеше случајот на Лицето Икс, вели дека случајот можел да се реши и на национално ниво – решение без ваков напор и штета.
„Секако дека можеше да се реши уште во 2011 година и тоа е лицемерно од страна на државата и од страна на Управата што истовремено со лицето Икс и друго транс лице поднесе барање, исто во сличен период – јуни/јули 2011 година, на тоа лице му беше одобрена промена на ознаката на пол, додека лицето Икс беше оставено да потроши десет години од својот живот во оваа правна битка. Едноставниот одговор на вашето прашање е „не“, не беше потребно ова, но од друга страна пак, вака гледајќи наназад што се случуваше всушност и преку оваа постапка и некако се еманципираше македонското општество, институциите сфатија за потребата дека потребно е системско решение и сега на крај имаме и пресуда која што не само индивидуално го решава проблемот на лицето Икс, туку ја задолжува државата да најде законско решение кое што ќе дозволи на другите лица да можат едноставно да си го променат податокот на пол“, нагласува Бошкова.
За тоа колку е нашата држава отворена за разговор на тема ЛГБТИ+ заедница, имајќи предвид за повторното донесување на Законот за дискриминација, децениската битка за правда донесена во Стразбург, програмскиот директор на Коалицијата „МАРГИНИ“, Славчо Димитров, вели дека моменталната ситуација воопшто не е сјајна.
„„Јас отприлика од 2006/ 2007 година сум активно вклучен во активистичките борби за правда на ЛГБТИ луѓето и жените и знам со каква ситуација се соочувавме во тие 10/11 години и со што се соочуваме сега. Не е ситуацијата сјајна, имаме ужасно конзервативни структури во сите институции и министерства и битката е прилично жестока за сите прашања, меѓутоа мислам дека исклучително кревкиот баланс на сили во Собранието во моментов е, и ќе биде најголема пречка за многу прогресивни промени што треба да се случат“, вели Димитров.
Освен што го отвори родовото прашање, случајот на лицето Икс отвори и важна дискусија за работничките права.
„Дискриминација не смее да постои! По ниедна основа. Тој мој став нема никогаш да се смени, никој не смее да биде дикриминиран поради самото тоа кој сака или како се идентификува и се останато. Општо, работниот пазар во Македонија мислам може многу долг муабет да се прави на оваа тема знаеме со какви се огласи се среќаваме дека не знам кога бараат хигиеничари бараат обавезно хигиеничарки, додека бараат менаџери тоа во никој случај не може да бидат менаџерки. Тоа е една многу бизарна ситуација која што исто така се надевам дека ќе ја промениме. Дискриминацијата толку е вградена во свеста на луѓето што едноставно не се ни забележува – на некој ако му кажете дека има проблем со овие два конкретни примери, сеа што ги спомнав – него нема да му биде јасно каде е проблемот. Од друга страна да – досега ви кажав дека јас лично се снаоѓав со привремени ангажмани, сега сум во потрага по работа, тоа се бирократски процеси по вадењето на изводот, сега ги вадам и другите документи така што после тоа ќе можам отворено да се ставам на пазарот на трудот. Меѓутоа за останатите кои имаат постојано потешкотии значи познавам доволно луѓе кои што се во таква ситуација да бидат одбивани поради документите, па претрпуваат стрес пред самото интервју каде се мислат дали да му кажат на работадавачот од самиот почеток, дали да не му кажат, како да му кажат итн. Има лица кај кои што изгледот е променет меѓутоа податоците не се променети, или податоците се променети меѓутоа изгледот не е променет поради тоа што не одлучиле да започнат медицинска транзиција. Имаме луѓе од најразлични ситуации и сите тие верувајте – пред да кликнат аплицирање на некој оглас они поминуваат низ овие мисловни процеси и низ тој стрес затоа што не знаат дали ќе бидат одбиени само поради тоа“, вели лицето Икс.
Отфрленоста од страна на државниот апарат неретко ја втерува транс заедницата на маргините, во принудена сиромаштија – нееднаквост која според Димитров, фунционира на перверзен начин.
“Тука е потребна постојана интервенција во случај на дискриминација, но во тие случаи не дека не сакаат да се вратат на работното место кога има такви ситуации или целосно се повлекуваат или оние кои што се среќни малкумина учествуваат во работа во граѓанскиот сектор, во наш контект 5 отсто од луѓето кои работат во среќна околност и место во кое што не се дискриминирани“, вели Димитров.
Од коалицијата „Маргини“ наведуваат дека во моментов десетина транс лица чекаат на промена на документите. Останува да се види дали одлуката од Стразбург ќе ги забрза нивните бирократски процеси. Адвокатката Бошкова се надоврзува дека одлуката од Стразбург не донесе забрзување на постапката дури и кај лицето Икс.
„Пресудата беше донесена во јануари 2019, стана правосудна во април 2019, промената се случи во октомври и почеток на ноември 2020. Донесувањето на пресудата „Икс против Македонија“ не го имаше очекуваниот ефект во смисла на брзина на решавање на работите. Морам да кажам дека во јуни 2019, непосредно по стапувањето на сила на оваа пресуда, Владата донесе одлука и ја задолжи Управата на водење на матични книги веднаш да ја изврши промената во матичната евиденција на лицето Икс, но и на сите останати постапки кои што се во тек во Управата, а станува збор за луѓе кои се во иста или слична ситуација како лицето Икс. И третото задолжение на Владата исто во јуни 2019 беше да Министерството за правда до ноември 2019 поднесе предлог за измена на законот за матична евиденција до Владата на понатамошно усвојување. Од сите овие три задолженија на Владата по поднесувањето на пресудата, единствено само спроведувањето на индивидуалниот правен, односно промената на полот кај Лицето Икс само тоа единствено е направено од страна на институциите. Управата и понатаму ги нема решено другите случаи, продолжува да се нагласува како ненадлежна, иако во пресудата Икс против Македонија јасно стои дека Управата е таа која што има надлежности и таа одлука на Управата е всушност прекршување на правата на транс луѓето. Транс заедницата го губи трпението и веќе има и волја и желба кај дел од луѓето да поднесат апликации и да укажат на тоа дека пресудата Икс против Македонија ги нема посакуваните ефекти со посакуваната брзина. Дека е потребно поитно решавање. Така што ако наскоро не видиме законско решение со кое ќе се решат тековните случаи, верувам дека ќе има и други жалби пред Европскиот суд за човекови права со слично барање за повреда“, вели Бошкова.
Лицето Икс се надева дека неговата победа ќе донесе забрзување на моменталните процеси за промена на документи, бидејќи според него – нема друга опција.
„Да потсетам по којзнае кој пат веќе, дека Уставот вели дека сè што не е забрането е дозволено, од друга страна исто така Уставот го штити приватниот интегритет на луѓето – така што според Уставот не смее да има друга законска обврска која ќе го нарушува телесниот интегритет, односно не смее да има никаков услов каде што ќе се бара било каква медицинска промена. Во моментов нема никакви пречки, меѓутоа ќе видиме како ќе одат процесите, јас се надевам дека моите пријатели – бидејќи ги познавам поголемиот дел од луѓето, дека ќе добијат разрешница на нивните случаи во најкраток можен рок“, вели лицето Икс.
И Димитров се надева дека Владата по ова искуство и по мноштвото укази кои што стигнале со овој случај во Стразбург, и целата серија препораки кои што дошле од Советот на Европа и од Европската комисија со кои јасно и се приложува дека Владата не смее да се случува повеќе, ќе ги донесе потребните законски измени, со што ќе се забрзаат процесите за менување на назнаката на род и издавање точни родови документи.
„Да, јас се надевам дека нивните процеси ќе течат полесно имајќи предвид дека случајот на лицето Икс се протегнуваше од периодот на владеењето на ВМРО, прво со нивниот институционален систем, којшто бепе еклатантно јасно недвосмислено хомофобичен и трансфобичен, па сè до новава Влада, новата Влада мислам по Шарената револуција и падот на режимот на Груевски, меѓутоа не дека и новава покажа исклучителен слух. На пример, дел од коалиционите партнери од албанските партии стоеја, сè уште имаше целосна арбитрарност во носењето на одлуки на кафкијански хомофобична средина. Дали ќе бидат полесни – јас се надевам дека ќе бидат. Така да, се надевам дека нема да поминат уште 10 години пројдат за овие лица да ја променат ознаката и се надевам дека ако не оваа, во текот на следната година ќе се усвојат потребните законски измени за овој процес стане многу поедноставен, односно да се овозможи правното признавање на родот на овие лица па со тоа да се решат во екстра брза постапка започнатите барања.
Лицето Икс потроши скоро една деценија од својот живот водејќи правна битка за една буква, која го ставаше на маргините, не дозволувајќи да води еднакво квалитетен живот како останатите граѓани. Судот за човекови права одлучи во негова полза, но уште многу транс лица во Македонија моментално ја водат истата битка. Сега на ред се институциите, кои ќе треба да овозможат брза и ефикасна промена на нивните документи. Во спротивно, правдата повторно ќе треба да ја бараат во Стразбург.
Ивана Смилевска