„Законот мора да важи еднакво за сите. Апелирам до сите граѓани, па и до почитуваниот советник Нефи, да си ги отстрани дивоградбите кои не можат да се легализираат. Затоа што државата ќе ги тргне. Затоа што е загрозено Охрид со УНЕСКО, затоа што граѓаните реагираат, затоа што не е право ова…“
Оваа изјава на премиерот Зоран Заев беше дадена во јули 2019 година. Скоро две години подоцна дивоградбите останаа, а УНЕСКО во меѓувреме до македонските власти достави досега најлоши забелешки за ситуацијата во која се наоѓа охридскиот регион заштитен како Светско природно и културно наследство.
Во нацрт-извештајот, кој не беше јавно достапен, дел од медиумите пренесоа дека мисијата на УНЕСКО утврдила како последниве три години не само што не се отстранети слабостите и заканите по охридскиот регион, туку се појавиле и нови.
За да го слушнете подкастот кликнете на линкот подолу:
Состојбата со децении само оди на полошо, вели Владимир Трајановски, активист од Охрид SOS. Најавите за постапување по препораките на УНЕСКО и рушење на дивоградбите според него се повеќе Пи-Ар отколку реално справување со проблемот.
„Јасно е дека не многу нелегални објекти се целосно отстранети. Во одредени случаи извршено е делумно уривање, и веќе видовме како се тие акции реверзибилни. Како што е примерот на улицата „Марко Несторовски“, или малиот хотел после бетонската база на излезот од Охрид. После извесен период тие се доградија и никој повеќе не спомна за нив. Во Струга, градоначалникот Рамиз Мерко во меѓувреме ветува дека повторно ќе гради нелегални објекти. Остатоците и градежниот шут често пати се оставаат на самиот брег, па наместо дивоградби добиваме нелегален градежен отпад. Тоа не е враќањето на вредностите на Светско наследство“, објаснува тој.
И не само што дивоградбите не се отстрануваат, туку на крајбрежјето само никнуваат нови објекти. Последно нешто што ги вознемири граѓаните, но и експертите, се најавите дека на локацијата на ресторанот Парк ќе никне нов хотел. Институциите дигаат раце и по ова прашање. Сè било според уставот и законите.
Токму на законите им е потребен целосен ремонт, смета Трајановски. Од оние за легализација, до оние кои дозволуваат развојни зони за туризам на несоодветни места.
Нелегалните градби, законските празнини, проблематичната инфраструктура, засилениот урбанизам и несоодветните измени на старата архитектура најверојатно ќе бидат причина, според нацрт-извештајот, УНЕСКО да предложи Охрид да се стави на листата на Светско природно и културно наследство во опасност.
Донка Барџиева Трајковска, советник-конзерватор и претседателка на Центарот за културно наследство вели дека на познавачите од областа на заштита на охридскиот регион одамна им е јасно дека Охрид неминовно се движи кон тоа да биде впишан како светско природно и културно наследство во опасност. Вината таа ја гледа во тоа што институциите и законите и на национално, и на локално ниво, со децении наназад не успеале да создадат ефикасна заштита и да се спротивстават на урбанистичкиот притисок.
„Институциите потфрлија, затоа што ниту една од активностите кои беа применети во она што значи реставрација и реконструкција на културно наследство не е во согласност со ниту еден стандард пропишан во меѓународните конвенции. На локално и на државно ниво мораше да се стави граница, до каде и колку може охридскиот регион, како светско природно и културно наследство, кој е неговиот капацитет за развој и до каде може да се развива. Уште повеќе што она што се гради, како квалитет, далеку отстапува од сите норми и принципи за вредности кои треба да бидат компатибилни со оние кои ги поседува охридскиот регион како културно наследство“, вели Барџиева Трајковска.
Тоа што и експертите и активистите го издвојуваат како клучен фактор за подобрување на состојбата е политичка волја.
И иако декларативно, политичка волја има и за расфрлање, во пракса работите не се толку розови. Она што започна како пресметка со дивоградбите во охридско струшкиот регион во 2020 година нагло запре со завршување на парламентарните избори. Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, на една од последните пресконференции најави дека се чека на тендер.
„Тендерската постапка за избор на фирма која работи на отстранување на дивоградбите е во тек. Штом ќе заврши постапката ќе продолжи постапувањето на тој дел од препораките од УНЕСКО. Први ќе се отстрануваат плажите кои се на катастарска парцела 1.1, затоа што таму не се дозволени градби од траен и од времен карактер“, вели градоначалникот.
Министерката за култура Ирена Стефоска не посочи кој е одговорен за ситуацијата во која се наоѓа Охридскиот регион. Она што го истакна, е дека одговор на препораките на УНЕСКО може да има само ако Охрид биде ставен како национален стратешки приоритет.
„Немам намера да амнестирам ниту една институција. Ниту на локално, ниту на централно ниво. Има институции кои си ја завршуваат работата. Но, за жал има институции кои не си ја завршуваат работата. Работиме интензивно на подигање, како Влада, како Министерка за култура, со други членови и министри и со локалните самоуправи да направиме добра меѓусебна координација за да може подобро и поефикасно да ги исполниме обврските од страна на Реактивната мониторинг мисија, било од минатата година, било од претходните години“, посочува Министерката.
Според Барџиева Трајковска проблемот со дивоградбите е директен одраз на тоа што институциите не постапуваат кога се кршат законите. Таа смета дека ситуацијата мора да се решава системски. Надлежностите да се префрлат од локално на централно ниво, а предлага да се размисли обврската за заштита на Охридскиот регион да ја преземе македонското Собрание.
Дел од нејзините предлози, покрај целосна реформа во заштитата на културното наследство, е и формирање независно експертско тело на ниво на Влада кое ќе направи увид во целосната документација на институциите и ќе предложи законски измени. Но, пред сè ќе ја утврди состојбата на терен.
„Ние немаме реална слика за тоа колку од оригиналните примероци се сочувани, и каква е реалната состојба на терен, за да може да се преземат конкретни активности. Во изминативе години истите институции, тоа се Управата за заштита и Националната установа Завод и музеј- Охрид, преку нивните активности го доведоа Охридскиот регион во ситуација во која се наоѓа сега. Не може да очекуваме истите тие институции, истите вработени, кои со години издавале такви конзерваторски услуги и одобренија, кои се штетни за исклучителните вредности на културното наследство, од утре да почнат да делуваат поинаку. Затоа е неопходно едно такво независно, експертско тело кое ќе може објективно, професионално, на највисоко ниво да ја согледа целата ситуација и да понуди предлози за решавање“, смета Барџиева Трајковска.
Трајановски не е оптимист дека во некоја догледна иднина на Охрид повторно ќе му биде вратен неговиот вистински сјај. Главната вина тој ја гледа во тоа што концептот на урбанизам го поклопил концептот на зачувување на природните и културни вредности. И таа ситуација трае веќе 40 години.
„Никогаш никој не одговарал за нешто. Никогаш не се презеле конкретни активности. Сè се туркало под тепих. Така што и со последниот извештај на Реактивната мисија и со сите реакции кои ги добиваме од наши сограѓани, само се покажува дека работите не се на прав пат и дека ќе треба многу волја и многу спремност. Но, вистинска спремност. Без тоа нема да мрднеме никаде“, вели тој.
Додека извештајот, со одговори од македонските институции патува кон УНЕСКО, Охрид го чека нов период на неизвесност. Граѓаните очекуваат поодлучна акција на институциите во справување со главните забелешки кои ги има Управата за светско културно наследство – дивоградбите, урбанистичките планови, заштита на старата архитектура и културните знаменитости. И тоа треба да се направи многу брзо. Пред целосно да се изгуби сјајот на овој македонски бисер под прашината од градежната механизација.
Даниел Евросимоски
*Првично темата беше објавена во подкастот „Мегафон“