Лажните дојави за бомби во школите периодов ги збунија средношколците, но можеби уште повеќе ги збунија сензационалистичките медиумски „бомби“ и дезинформациите што доаѓаа од дел од медиумите, а се поврзани со актуелните случувања. Ова беше изразено во текот на целата пандемија.
Младите средношколци се т.н. „дигитални домородци“, живеат на интернет, а социјалните мрежи ги „бомбардираат“ со наслови кои ги скролаат многу брзо и често ги споделуваат без да прочитаат целосно некоја вест. Па и во случај кога голем број медиуми професионално известуваат, младите врсници меѓу себе си шират дезинформации и полу-вистини, или си играат „расипан телефон“.
Од друга страна, освен што македонските средношколци живеат во време на хиперинформираност, тие живеат и во време кога медиумската писменост конечно почна да влегува во формалниот образовен систем, па затоа за сите овие прашања зборуваме со Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколците и член на УРА тимот од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
Павиќевиќ во подкастот „YouThink“ се осврнува на разни аспекти од медиумската писменост. Каква е одговорноста на младите во онлајн просторот, како се „хранат“ на социјалните мрежи, но и за критичкиот однос и довербата што треба да ја градат кон различните видови медиуми.