Членките на Платформата за родова еднаквост реагираа за говорот во јутјуб подкастот на Стефан Лазаров во која гостин му беше новинарот Драган Павловиќ – Латас, објаснувајќи дека се згрозени од изнесените информации и бараат да престане емитувањето на подкастот, кој, како што велат, го нормализира насилното однесување на родова основа.
„Емисијата, снимена со пренос во живо на 14.02.2023, на социјалната видео платформа Јутуб, бележеше над 125 илјади прегледи во изминатите 5 дена. Како Платформа за родова еднаквост сметаме дека големиот број на прегледи на оваа емисија влијае на јавното мислење, особено кај младите луѓе кои лесно можат да дојдат до заклучок дека „шамарање на девојка“, според изјавата на Латас и Лазаров, пред сексуален однос е сосема нормално однесување на момчињата и притоа не сносат никаква одговорност ниту последица за ваквиот чин. Иако во описот на подкастот се наведени правила дека не се дозволени говор на омраза и расизам, оваа емисија содржи токму ваков наратив. Затоа, како членки на Платформата бараме подкастот да биде избришан од оваа видео-социјална платформа и да се прекине со емитување на овој проблематичен подкаст“, велат од Платформата.
„Од она што јавноста го посведочи, јасно е дека Драган Павловиќ-Латас и Стефан Лазаров се поддржувачи на насилното однесување и омаловажување на жените во сексуалните односи. Тие ги користат своите платформи за промовирање и нормализирање на насилството врз жените. Бидејќи се претставуваат како застапници за зачувување на „традиционалните вредности“, ги прашуваме Латас и Лазаров дали да силуваш и да се фалиш со тоа е вредноста која ја бранат и промовираат?!“, додаваат од Платформата во нивната реакција.
Активистите ја поздравија реакцијата на МВР и бараат Обвинителството да постапи во законски рок и да поднесе обвинителен акт за „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.
„Апелираме до приватниот сектор кој го поддржува Стефан Лазаров и ги користи неговите услуги за рекламирање, да ја прекине соработката со него. Во спротивно, со нивната поддршка кон овој подкаст поддржуваат и овозможуваат ширење на мизогинија, родово засновано насилство, расизам и говор на омраза. Дополнително, во време кога во борбата против насилството врз жените, меѓу другото, е неопходно и подигање на јавната свест, јавните личности имаат посебна одговорност во справувањето со оваа реторика и промовирање на позитивни вредности кои ќе придонесат кон искоренување на насилството, а не кон негово промовирање“, се наведува во реакцијата на Платформата.