Подмладоци на политички партии го потпишаа Студентскиот манифест

Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Кирил и Методиј“ (УКИМ) информира дека денеска во Студентскиот културен центар е потпишан Студентскиот манифест од млади претставници од политичките партии СДСМ, ЛДП, ДОМ, Демократско движење, Левица и ВМРО-ДПМНЕ.

„УСС останува активно да се бори за исполнување на овие клучни цели со цел подобра иднина за нас, тука!“, соопштуваат студентите.

Студентскиот манифест претходно на 6 март беше потпишан од неколку студентски собранија, а во него меѓу другото се вметнати барања за бесплатно високо образование, за преиспитување на студиските програми, вложување на финансиски и инфраструктурни средства, подигање на студентскиот стандард, национално студентско собрание, интернационализација, дигитализација на административните процеси и автономија.

„Ние малкуте кои останавме во земјава, ние малкуте кои се нафативме нашите идеи и стремежи да ги обликуваме во јасни и прецизни идни дејствија во овој манифест, наложуваме истите да се усвојат со особено внимание и сериозен однос од страна на сегашните и идните државници“, стои во манифестот.

Бесплатно образование, повисок стандард и дигитализација – бараат студентите преку Студентски манифест

Фото: УСС УКИМ