Поднесени тужби за нападите врз новинарите од 27 април, „крвавиот четврток“ уште чека правда

На 27 април, пред три години се случи „крвавиот четврток“, каде поголема група поддржувачи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ упадна во Собранието, при што беа нападнати новинари, сниматели, пратеници и останати функционери.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) информира дека во име на одбележување на 27 април, кој го нарекуваат црн ден за демократијата и застапување на слободата на изразувањето и безбедноста на новинарите, група новинари помогнати од ЗНМ преку адвокатската канцеларија „Медарски“ денеска поднесe тужби.

„Тужбите против државата, се поднесени за утврдување на повреда на правото на слобода на изразување и за надомест на нематеријална штета. Овие тужби следат по претходен повик кој го имаше ЗНМ со цел обезбедување на правна помош за новинарите и медиумските работници кои беа нападнати или им беше уништена опрема во Собранието за време на тој немил настан“, соопштуваат од ЗНМ.

Од таму велат потенцираат дека Основното јавно обвинителство застана во заштита на дел од политичарите и против дел од нивните напаѓачи беа преземени мерки по службена должност, по што следеа и затворски казни од судот.

„И покрај тоа што група на новинари претходно даваа и искази во ОЈО за настаните од 27ми април, каде имаше случаи и на физичко насилство, за жал се уште нема никаква правна постапка против сторителите каде што новинарите се оштетена страна. Затоа во услови кога има двојни стандарди за новинарите и кога државата не ги заштити нашите колеги истите се приморани преку приватни тужби да ја бараат правдата“, велат од ЗНМ.

Исто така, ЗНМ сака да ги охрабри сите новинари да го кренат својот глас против нападите и притисоците на кои се или биле изложени и со тоа да пратат порака до јавноста и институциите дека тие повеќе нема да молчат.

„Судските постапки ќе го зголемат и притисокот врз институциите за да ги казнат насилниците, а со тоа ќе спречат во иднина да се повторуваат вакви напади кои се недозволиви и неприфатливи“, соопштува ЗНМ.

Новинарите присутни во Собранието на 27 април, за Радио МОФ сведочеа за непречен влез на демонстрантите во законодавниот дом, неприсуство на полиција и насилство врз пратеници и медиуми. Исто така, на голем број новинари им било оневозможено професионално да си ја вршат работата. Првично беше евидентирано дека се повредени над 100 повредени лица. 

Новинари сведочат за упадот во Собранието и насилството врз пратениците и медиумите

Радио МОФ на 27 април 2017 година беше присутен во Собранието, а домашните и светски медиуми потоа ја пренесоа фотографијата со нападнатиот пратеник Зијадин Села, чии напаѓачи беа осудени за обид за убиство. За упадот во законодавниот дом потоа беа осудени шеснаесет лица на вкупно 211 години затвор.

Анализирајќи ги случувањата од 27 април, „Призма“ денес објави дека дамка врз прокламираните пароли за расчистување на овој настан неповратно фрли и амнестијата за некои од обвинетите што беа ослободени од кривична одговорност.  Меѓу нив беа и пратениците што ги отворија вратите на Собранието и ги пуштија насилниците. За разлика од некои што го демолираа законодавниот дом и физички се пресметаа со пратениците, поранешните шарени револуционери уште се влечкаат низ судовите обвинети дека ја демолирале канцеларијата на експретседателот Ѓорге Иванов, која патем одамна е затворена. Активистите од Шарената револуција изминативе години продолжија да добиваат глоби за фрлањето боја врз институциите.

Според „Призма“, има најмалку седум судски постапки за крвавиот четврток.

Тековни постапки, но без правосилни пресуди за организаторите и за сите извршители на крвавиот упад во Собранието. Ова е најкраткиот опис за брзината на правдата за собраниските настани од 2017 година, три години подоцна. Објавуваат дека правдата е најбавна за организаторите.

Извор: Призма

За случајот од 27 април избегаа четворица осомничени. Еден од нив е експремиерот Никола Груевски. Jавноста остана ускратена од информации за тоа како Груевски пребега во Унгарија, додека граѓанскиот сектор бараше одговорност. Од кривичен прогон засега се спаси и Никола Бошкоски, исто така и Никола Војминоски, кој беше осуден на 13,5 години затвор, но избега од домашен притвор. На оваа листа се наоѓа и Дејан Давидовски, обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, но избега во Шведска, а земјата одби да го екстрадира во Македонија.

Б.Ш.