Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против четири лица од Државната изборна комисија (ДИК) и управител на компанија со тврдење дека учествувале во незаконска набавка на софтверот за регистрирање на резултатите од последните парламентарни избори, кој се сруши на денот на гласањето минатата година.
Меѓу обвинетите е и поранешниот претседател на ДИК, а Обвинителството ги товари сите нив за злоупотреба на службена положба и овластување со што бил оштетен Буџетот на Северна Македонија од нешто повеќе од 1,3 милиони денари.
Според обвинението вработените во ДИК, како членови на Комисијата за јавни набавки, не го почитувале минималниот законски рок за поднесување понуди, не утврдиле дека компанијата „Дуна“ не ги исполнува условите за учество во постапката и притоа не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди, туку понудата ја оцениле како прифатлива и доделиле максимален број на бодови.
„Врз основа на Извештајот од спроведена постапка, првообвинетиот О.Д. како претседател на ДИК без да изврши контрола на постапката за евалуација на понудите, донел одлука за избор на најповолен понудувач. Откако постапката била поништена, првообвинетиот спротивно на мислењето на Бирото за јавни набавки, донел одлука за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас и притоа по негови насоки биле намалени критериумите за вреднување на економските оператори во делот на квалитет. Покани за поднесување понуди за Набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК биле испратени до два економски оператори и во повторената постапка повторно како најповолен понудувач бил избран економскиот оператор ДУНА ДОО со кој првообвинетиот потпишал Договор за јавна набавка. Иако бил должен пред да го потпише Договорот и пред да го имплементира софтверот да обезбеди негово тестирање заради утврдување дали истиот ги исполнува бараните услови, тој не го сторил тоа и дозволил истиот да се пушти во употреба без спроведено тестирањето и без направен квалитативен и квантитативен прием на услугата од Договорот. На ваков начин за економскиот оператор била прибавена корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор на износ од 899.999 денари“, стои во соопштението од Обвинителството.
Дополнително, во обвинението се посочува дека незаконски била и постапката за набавка на телевизори за прикажување на изборните резултати.
Сајтот на ДИК во јули минатата година се сруши веднаш откако почнаа да стигаат првите резултати од парламентарните избори. Сајтот цели два дена беше недостапен за граѓаните.