Подобар стандард и квалитет, а помалку корупција – желби за образованието во 2025

Долго најавуваната реконструкција на студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ почнува по празниците, беше меѓу првите вести во образованието во 2024 година. Реконструкцијата навистина почна да се случува. Студентите минатата година добија и попусти во културните установи. Во 2024 година Министерството за спорт во соработка со УКИМ најави дека ќе ја реконструира демолиранта сала на општествениот кампус на Универзитетот. Беше формирано и реформско тело за високо образование чиј приоритет ќе биде донесување нов закон и проверка на работата на универзитетите. Дополнително, во своја режија студентите се организираа во Национално студентско тело каде секоја студентска организација има свој претставник. Беше отворена првата сензорна соба во средните училишта во Град Скопје. По 100 години, во 2024 беше одлучено дека скопско Драчево ќе добие основно училиште.

Но, покрај овие добри работи, некои од проблемите во образованието веројатно ќе се провлечат и во новогодишното пакетче на 2025 година. Како тоа дека студентите на ФИНКИ и лани не добија своја зграда, па поради тоа трчаа до Влада. Ниту еден од македонските универзитети не се најде на Шангајската листа, а УКИМ остана на 1.990 место од листата на 2.000 најдобри универзитети според CWUR. Ниту учениците од приватните средни ниту студентите од приватните универзитети не добија бесплатен јавен превоз. Не беа исполнети барањата на Националното студентско тело за подобрување на студентскиот стандард, како на пример бесплатно високо образование. Не се донесе ниту новиот Закон за средно образование со кој се предвидуваат образовни асистенти на товар на државата, бидејќи дебатата за законот отиде на политичко ниво. Дополнително, кон крајот на 2024 година студентите на државните универзитети со соочија со опасноста во 2025 година да немаат бесплатен јавен превоз во Скопје.

Листата може да биде и подолга, но наместо да го набројуваме тоа решивме да ги прашаме студентите и средношколците и други образовни организации:

„Кои се вашите желби во образованието кои сакате да ви се исполнат во 2025 година?“

Еве ги нивните одговори:

Сојуз на средношколци 

Една од главните аспирации за средното образование во Северна Македонија во 2025 година е значително унапредување на квалитетот на наставата преку модернизација на наставните програми. Ова подразбира интеграција на иновативни технологии, дигитални ресурси и интердисциплинарни методологии за поттикнување на критичкото размислување и практичните вештини кај учениците. Дополнително, се очекува имплементација на предлозите на Сојузот на средношколци, особено „Белата книга“ која предвидува работење на четири теми имено „Граѓанско образование, Финансиска писменост, Медиумска писменост и Дебата“ со цел да ги подготви учениците со основни животни вештини и компетентност потребни по завршувањето на средното образование.

Исто така, усвојувањето на предлог-законот за средношколско организирање предложен од Сојузот претставува значителен напредок. Овој закон обезбедува сеопфатна рамка за различни форми на ученичко претставување, овозможувајќи им на учениците да формираат ученички заедници и да ги застапуваат своите врсници на училишно, општинско и национално ниво. Овие мерки имаат за цел да поттикнат развој на активни и ангажирани граѓани кои, преку учество и застапување, ќе ги усвојат принципите и одговорностите што ги носи животот во демократско општество. Дополнително, клучен приоритет е континуираниот професионален развој на наставниците. Тие треба да бидат во тек со современите педагошки трендови и методологии за да ги инспирираат и мотивираат учениците.

Конечно, од суштинско значење е создавањето на поттикнувачка и инклузивна средина за учење. Ова може да се постигне преку подобрување на образовната инфраструктура, обезбедување психолошка поддршка и промоција на инклузивност во сите аспекти на образованието. Холистичкиот пристап е клучен за исполнување на различните потреби на младите ученици и за нивниот личен и професионален развој, со што ќе се обезбеди стабилен и одговорен образовен систем.

Организација за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС)

Образованието е главен фактор за развојот на секоја држава, вклучувајќи ја и Македонија. Но, сѐ уште постојат предизвици кои треба да ги надминеме во областа на образованието. Па, така, нашите желби за образованието во 2025 се:

Достапно и квалитетно образование за сите.

Достапен и бесплатен јавен превоз за студентите и средношколците.

Отвореност на институциите за соработка со студентите и средношколците како клучен дел од образовниот систем.

Поддршка на студентите и средношколците со субвенции, мерки и активности.

Овие наши желби се однесуваат на моменталната ситуација и желбата за подобар студентски и средношколски стандард во 2025 година. Сметаме дека на тој начин ќе се подобри положбата на младите, како и нивото на вработеност на младите и достапност на образованието.

Национално студентско тело: 

Исполнување на целите на Студентскиот Манифест и Резолуцијата на Националното студентско тело (Воведување на бесплатно високо образование, квалитет наспроти квантитет во високото образование; афирмирање на Националното студентско тело; подигнување на студентскиот стандард: сместување, стипендии, оброк, превоз и културно-рекреативен студентски живот, интренационализација и дигитализација во високото образование и кадровска и финансиска автономија на универзитетите.

Измена на Законите за високо образование и студентски стандард.

Закон за студентска работа и за студентско организирање и завршување на реконструкцијата на студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“, и почеток на реконсрукција на останатите.

Поголем фокус на инклузивност и рамноправност.

Продолжување на активната комуникација меѓу студентите и институциите.

Форум за образовни промени (ФОП): 

Ние не влегуваме во 2025 со многу очекувања и доверба дека ќе се подобри нешто во областа на образованието. Но, сепак, со многу желби, надежи и идеали. Најмалку што очекуваме е да видиме некој од нашите универзитети на некоја од кредибилните листи за мерење на квалитетот во образованието, студентите од Северна Македонија заслужуваат да студираат на универзитет кој се наоѓа на некоја од овие листи.

Сакаме во 2025 да видиме повеќе професори казнети за корупција во образованието – бидејќи неказнивоста на овие случаи е во алармантни размери. Само ние како организација сме пријавиле десетици вакви случаи во соодветните институции. Покрај тоа, сакаме да видиме повеќе професори да бидат одговорни за плагијати, што за нас како ФОП претставува едно од најсериозните академски злосторства – иако е многу присутно во Северна Македонија. Сакаме овие феномени да бидат декларирани како проблеми од соодветните институции во земјата и да не се соработува со академски криминалци.

Сакаме подобри услови за студентите, дигитализирани универзитети каде што студентите нема да бидат малтретирани на шалтери за едноставни документи. Над сѐ, многу се надевавме и работиме во тој правец дека студентскиот глас ќе биде поконкретен, да имаме повеќе студенти кои истрајно ќе ги бараат своите права, кои ќе протестираат, кои ќе го подигнат гласот против неправдите и нема да дозволат да бидат понижени.

Независен Академски Синдикат (НАкС)

Унапредување на научната дејност на универзитетите. Универзитетите се носители на научниот и технолошкиот развој на македонското општество. Постои јасно изразена потреба за зголемување на буџетот за финансирање на науката на универзитетите со што би се овозможило обезбедување на соодветни средства за набавка на современа научноистражувачка опрема, финансирање научноистражувачки проекти и зајакнување на меѓународната соработка. Стабилното финансирање на науката би ги мотивирало младите таленитирани кадри да останат на македонските универзитети и придонесат за идниот развиток на македоската научноистражувачка и образовна дејност.

Унапредување на професионалниот статус на наставниците. Наставнот кадар претставува јадро на образовниот систем, но за жал наставниците кај нас се често преоптеретени и не располагаат со соодветни ресурси за организирање квалитетна настава на светско ниво. Потребно е да се зголемат инвестициите во професионалниот развој на наставниците и во нивната материјална мотивација. Квалитетен и мотивиран наставник претставува инспирација за учениците и студентите и е двигател на позитивните промени
во образованието и во општеството.

Подршка на инклузивните процеси во образованието. Образованието треба да биде достапно за секое дете и секој македонски граѓанин, без разлика на социјалниот статус, полот, физичките и менталните способности. Развивањето на инклузивни програми и инфраструктура е клучно за создавање на општество на еднакви можности. Неопходно е да се воведат дополнителни програми за поддршка на децата од маргинализираните групи за да се обезбеди нивна соодветна вклученост во општествените текови.

Младински образовен форум (МОФ)

За 2025 имаме 5 желби.

Нашата прва желба за образованието во 2025 година е создавање на нов курикулум кој ќе одговара на современите предизвици и потребите на младите. Веруваме дека е неопходно да се промовираат интердисциплинарни студиски програми кои ќе комбинираат различни дисциплини за да овозможат сеопфатни креативни решенија.

Посебно важно е да се обезбеди еднаков пристап до образование за сите. Затоа нашата втора желба е јакнење на инклузивноста и создавање еднакви можности за образование на сите.

Нашата трета желба е поставување на дигиталната писменост во центарот на образованието. Примената на дигиталните алатки за учење, ќе биде добра подготовка за адекватно користење на новите технологии од страната на учениците и студентите во денешната дигитална ера.

Паралелно, нашата четврта желба е дека образованието мора да поттикнува критичко размислување и активизам, овозможувајќи им на младите активно да се вклучуваат во процесите на одлучување и да станат носители на позитивни промени во општеството.

Нашата петта желба, но не и помалку важна, е инвестицијата во наставниот кадар преку континуирана обука и подобрување на условите за работа на наставниците.

Сметаме дека образование во кое се инвестира, а не експериментира, е клучно за обезбедување квалитет, инспирација и поддршка на нови генерации на млади.

Ангела Бошкоска