Наградата „Македонска книжевна авангарда“ годинава ја доби поетесата Марина Мијаковска за својата книга „Психоаналитичка алхемија од страсти“ во издание на „Караманови средби“ од Радовиш.
Наградата ја доделува издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата „Македонија презент“ од Скопје, а ќе биде врачена на претстојниот „Фестивал на чајот и читањето“, кој ќе се одржи од 4 февруари до 8 март во Културниот центар „Феникс“.
Мијаковска дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Пишува поезија, есеи и книжевни критики. Неколку години по ред објавува текстови во „Наше писмо“, „Мираж“, „Репер“ и други списанија. Мијаковска учествува на „Струшките вечери на поезијата 2010“ во Ноќ без интерпункција – поетски вечери на млади поети. Истата година ја издава својата прва книга поетската збирка „Номадска душа“, во издание на „Антолог“, пишува во Википедија.
Во 2012 Мијаковска ја објавува својата магистарска теза на тема феминизам и женската сексуалност. Застапена со дел од новите необјавени поетски творби во антологијата „Ветерот носи убаво време: антологија на најмладата македонска поезија и проза“, објавена во 2012. Истата година за нејзината поезија се здобива со награда на поетските средби во Корча, Албанија.
За поетската книга „Психоаналитичка алхемија од страсти“, Мијаковска неодамна ја доби и наградата „Ацо Караманов“.
Според жирито кое ја доделува наградата „Македонска книжевна авангарда“ , книгата на Мијаковска се издвојува со својата специфичност, иновативност и оригиналност.
За првпат оваа награда беше доделена минатата година, кога ја доби поетесата Елена Пренџова.