Македонските поети Никола Маџиров и Ивана Јовановска ќе учествуваат на Саемот на книга во Лајпциг, Германија кој ќе се одржува од 21 до 24 март.
Тие ќе бидат дел од настанот „Поезија за неприпаѓањето. Лирски импресии од Северна Македонија“ кој треба да се случи во сабота (23 март) со почеток во 15 часот.
„Наградуваниот поет Никола Маџиров ни ја претставува младата македонска поетеса Ивана Јовановска, чии дела се меѓу највозбудливите од она што го нуди современата македонска книжевна сцена. Маџиров ќе го претстави неговиот текст „Крв и поезија на неприпаѓањето кој неодамна беше објавен во списанието за литература и култура ‘Sinn und Form’“, пишува во објавата на Европската мрежа за литература и книги ТРАДУКИ.
Разговорот со двјацата поети ќе го води Ерик Мар, а присутните ќе можат да слушнат стихови на авторите на македонски и на германски јазик.
Никола Маџиров е етаблиран македонски автор. Има објавувано песни, есеи и преводи и е еден од координаторите на меѓународната мрежа „Lyrikline“. Италијанскиот композитор Анџело Инглезе и американскиот џез музичар Оливер Лејк имаат создадено композиции според негови песни. Маџиров е добитник на наградата Хуберт Бурда за неговиот том поезија „Преместен камен“ како и на бројни други меѓународни награди и стипендии.
Ивана Јовановска е студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Таа има учествувано на бројни поетски читања, а нејзините песни покрај на други се објавени и во грчкото списание за литература „Тeflon“ и книжевното списание „Современост“. До денес има објавено две стихозбирки, „На ракавот на градот“ (2021) и „Номадски затвори“ (2023).
Саемот на книга во Лајпциг е вториот по големина во Германија, по Саемот на книга во Франкфурт кој е најголема манифестација од ваков вид во светот.