Насловен како „Поетроника“, перформансот кој ја става македонската поезија во современ музички контекстм, ќе се одржи на 8 јуни, четврток, во Македонскиот народен театар (МНТ).
Со почеток во 21 часот, актерот Оливер Митковски и музичарот Андреја Салпе ќе се претстават преку музичко-сценски електронски акт, кој претставува резултат од нивната повеќемесечна соработка и експериментирање.
Авторите посочуваат дека во перформансот се опфатени сите генерации на македонски поети, како и дека настапот се труди да ги избегне стереотипите за тоа како се интерпретира и каква музичка форма прилега на едно поетско изразување.
„Проектот е вид на сведоштво за континуитетот и конзистентноста на македонското поетско творештво особено во време кога повторно јазикот, идентитетот и правото на културна самоидентификација се доведени во прашање“, велат од МНТ.
Билетите се веќе пуштени во продажба на билетарницата во МНТ, како и онлајн.