Македонскиот поет со светско реноме Никола Маџиров вечерва во културниот центар „Магаза“ во Битола ќе ја претстави својата поезија пред публиката на поетската вечер „Сенките не одминуваат“ која ќе биде целосно посветена на неговото творештво.
Настанот ќе започне во 21:00 часот, а тој е дел културното лето „Бит фест 2013“. Како интерпретатори на стиховите на Маџиров ќе настапат и актерите Митко С. Апостоловски и Верица Недеска Трајкова.
Маџиров се смета за еден од најценетите поети на денешницата од овие простори. Неговата поезија е преведена на повеќе јазици и објавувана во неколку избори и антологии.
Во рамки на „Бит фест“ вечерва во Народниот театар на Битола, од 20 часот, ќе се одигра и претставата „Подземје“ на Христо Бојчев, а во продукција на народниот театар „Антон Панов“ од Струмица.
Во истиот термин во изложбениот салон на битолскиот Центар за култура ќе биде отворена изложбата „Убавините на Битола низ фотографија“ организирана од здружението на граѓани „Опус Новум“. Денешната програма на „Бит фест“ ќе заврши со концертот „Fun house project“ кој ќе се одржи во дворот на Дом на АРМ со почеток во 22:00 часот, а во организација на здружението на граѓани „Сариса“.