Во четврток (4 август) со почеток од 18 часот започнува првиот настан од културното лето „CULT + ALT + REPEAT“. Во дворот на Младинскиот образовен форум (МОФ) и Радио МОФ ќе се одржи поетско читање и размена на книги со Денис Бојаров.
„Нека играат децата“ е прва објавена книга на Бојаров и претставува збирка раскази наменета за различни возрасни категории, која обработува социолошки, психолошки и филозофски теми поврзани со децата, со семејството, но и со човекот, воопшто.
„Во голема мера книгата изобилува со автобиографски приказни, збогатени со имагинативната нарација, преку кои авторот воспоставува комуникација и блискост со читателот и му испраќа емотивни и моќни пораки. Нараторот преку гласот на децата, преку родителите, животните и растенијата комуницира со читателот и му дава еден готов производ од ликови и настани од нашето поднебје, со кои сите ние се идентификуваме. Педесет и еден расказ на број, тематски слични, сепак со поинакво сиже и поуки. Ова се раскази што ќе ја поттикнат емпатијата во вас“, стои во најавата за настанот.
Културното лето трае од 4 до 31 август, а влезот на настаните е бесплатен.