Поевтини билети наместо бесплатен јавен превоз за студенти?

Поевтини билети наместо бесплатен јавен превоз за студентите?За само една седмица повеќе од 10 илјади студенти  го потпишале Анкетниот прашалник, кој е дел од иницијативата на Студентскиот парламент на УКИМ за бесплатен јавен превоз.

Сепак во изјава за Радио МОФ,  од Студентскиот парламент велат дека наместо за бесплатен, нивната цел засега е намалување на цената на автобуските билети за оние студенти кои студираат на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, за што велат дека веќе преговараат за средби со директорот на ЈСП Мишо Николовски и со скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

На прашањето дали оваа иницијатива ќе ги вклучи сите студенти кои се сместени во студентски домови, иако не студираат на УКИМ, од СПУКМ велат дека во првата фаза која ќе трае еден месец, вклучени се само студентите од УКИМ. Потоа, велат од СПУКМ, ќе ја  разгледуваат можноста за средба со студентските претставници од останатите факултети и универзитети.

Сите оние кои сакаат да дадат поддршка на иницијативата, може да го пополнат анкетниот прашалник во просториите на матичниот студентски парламент на секој факултет или во просториите на СПУКМ (СД Кузман Јосифовски Питу). Преку прашалникот, студентите ќе можат да го искажат својот интерес и мислење за јавниот превоз.

Бесплатниот автобуски превоз и воведувањето бесплатна линија од студентските домови до најголемите кампуси на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ беше дел од изборната програма на сегашниот претседател на СПУКМ, Кирил Спироски. Тој вети дека ова ќе го исполни доколку го изберат за претседател на Студентскиот парламент.

Е.П.